Не, не сакаш да знаеш како изгледа депресијата и не, не можеш да се замислиш во туѓите чевлички!

Вчера одекна веста за уште една актерка која трагично си го одзела животот и решила сама да си пресуди. Не ја познавав, барем не колку оние останатите кои слично/исто заминаа од овој свет. Тивко и без голема фама. Нека почива во мир. Нема да ја именувам… бидејќи јас сум никоја и ништо за зборува за нечиј туѓ живот, за нечии туѓи сеќавања, за нечии туѓи спомени, за нечии туѓи искуства. Јас сум никоја и ништо за неа и нејзините најблиски, па ќе го тргнам настрана нејзиното име и вечниот спомен за неа.

Она што единствено ќе го кажам е дека прочитав неколку нејзини постови, кои се надевам дека еден ден ќе бидат преточени во книга, бидејќи се полни со емоции и сеќавања, а подобар спомен за некого од книга нема… и се’ што прочитав таму беше скриен апел за помош… толку скриен што мораш неколку пати да прочиташ за да сфати меѓу редови…

Додека нив ги читав, почувствував своевидно дежа ву, момент кој го имам веќе видено. Но, не на своја кожа. И депресијата е еден таков „феномен“ што колку и да е различен, секогаш звучи слично или сосема исто. Ги читав и имав бајаги непријатно чувство. Не поради содржината, туку поради што ме ишамара. Редови кои јас не ги сфаќав, а и да ги прочитав претходно, повторно немаше да ги сфатам.

Затоа што никој не може да знае како изгледа таа, освен ако не ја доживее. Можеш да слушаш приказни, можеш да читаш „меѓу редови“, можеш да прераскажуваш… Но, не… не можеш ни да ја замислиш.

Искрено жалам за сите кои сте изгубиле некого на овој или сличен трагичен начин. Јас не милувам да зборувам на оваа тема, а имам толку многу да кажам. Жалам што се’ сфаќаме повеќе од предоцна!

Марија Прличкова

©majkatiitatkoti.com  Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Посетено 1.076 пати