Кога ќе кажеш повеќе од доволно, извини не е доволно
Зборувавме за ова, те молам не притискај ме сега, такви се околностите, не можам да изразувам чувства, имам други грижи, а ти наместо да ме тормозиш со љубовните маки, поддржи ме.
Но, јас не барам ништо комплицирано од тебе, сакам само да ми кажеш дека ти значам, откако ќе дознаам верувај ќе ми се смири душата.
Тогаш ќе те поддржам колку што треба, ќе бидам твојата химна која те бодри, ќе те осипам со внимание, ќе ти пружам се без да зборувам, нема да прашувам.
Но, како би го направила тоа кога не знам дали тебе ти претставува терет или задоволство да бидам покрај тебе.
Ти кажав сто пати, ќе ти повторам по сто и први, не е време за љубов.
Не постои време за љубов миличок, времето е сега, времето е постојано, доколку не ми кажеш дека ме сакаш, значи не ме сакаш, толку е едноставно.
Љубовта не се крие таму каде што ја има, ниту се глуми таму каде што ја нема, барем не за долго.
Премногу ме притискаш морам да ти раскинам, те молам разбери ме, те сакав, но не те сакам повеќе, имам други грижи сега не можам да мислам на тебе, барав само да ме поддржиш.
Но, ти не го стори тоа, сега замини си.
Зошто ме бркаш, зошто ме оставаш, ако сакаш не оставаш, не бркаш, остануваш, прегрнуваш.
Зарем си глува, јас ти кажав дека не те сакам, оди сега, силна си ти, ќе издржиш, дај ми само да те прегрнам уште еднаш за последен пат, не сакам да те видам повеќе, подобро ќе биде за двајцата.
Таа се откажа…
Колку и да го сакаше сфати дека, љубов со сила не бидува, ги задржа солзите, ги стисна забите да не рикне на глас во плач, го прегрна и замина.
Не се заврти, откако беше доволно далеку започна да плаче по улица, рикаше на цел глас, но не и беше гајле, кога на душата и се плаче, таа не одбира место ниту време каде ќе ги изрони солзите.
Деновите ги минуваше во кревет, барајќи одговор повторно, но овој пат не беше како оној на прашањето дали ја сака.
Овој пат се прашуваше зошто НЕ ја сака, а светот и го ветуваше, се скрши девојчето, плачеше секој ден, покриена преку глава, од време на време читаше од книгата која тој и ја поклони.
Мирисаше на него, ја потопи во солзи, отвори, заплачи, затвори, заспиј и така секој ден скоро еден месец.
Сфати дека нема фајде од плачење, подобро да стани од кревет, да се обиде да изгради тврдина од нејзините рушевини и да започне да живее повторно, без него.
Во моментот кога нејзиното повторно издигнување даваше знаци на живот, тој се појави повторно.
Ја замоли да му прости, ја замоли да му се врати, но повторно не изрази чувства, не и кажа дека ја сака, никогаш не го стори тоа.
Никогаш!
Таа само му се обрати со зборовите – “Кога ќе кажеш доволно, извини не е доволно, бидејќи во моментот кога ќе се посомневаш во твојата љубов кон некој, верувај не го сакаш повеќе.
А ти во твојата кон мене се сомневаше уште на самиот почеток, што значи не ме сакаше никогаш.
Дојди да те прегрнам за последен пат, не сакам да те видам повеќе, подобро ќе биде за двајцата.”