Родителска средба


Уште ова ми фалеше. Ми се смачи веќе. Секоја родителска едно те исто. Да собереме пари да купиме завеси. Да собереме пари да купиме шкавчиња. Да собереме пари да купиме креди и хартија. Да собереме пари да купиме полици. Да собереме пари да купиме закачалки. Да собереме пари да купиме сапуни. Да собереме пари да купиме влажни марамици и тоалетна хартија. Да собереме пари да купиме телевизор. Да собереме пари да купиме прочистувачи за воздух. Се побуниш ли, одма си циција и заостаната, демек немаш ти врска од модерните трендови во образованието. Аман веќе! Не ми е до парите. До небулозава ми е! До кога бре родителите ќе ги опремуваат училнициве? И зошто? Зошто плаќаме даноци кажете ми? Каде одат нашите пари?

Згора на се и родителиве (голем дел од нив) исто така ми се смачија! Си влегле во филмот дека они со своите новчаници можат да ги оправат училиштава, се соживеале до толку со улогата на купувачи и снабдувачи, што тотално изгубиле контакт со реалноста и нивната суштинска улога во училиштава. На родителска се зборува за успех, дисциплина, настава, проблеми со учење, однос на наставници, материјали, програми, вон-наставни активности и слично, а не за понуди од фирми бре! Па овој понудил волку, па оној имал пријател што работел во друга фирма понудил со попуст, па трет се буни скапо му било, ќе најдел он за дупло поефтино, пошто дома купил исто такво. Да полудиш! Забегале луѓево скроз. На класниве им одговара. Само креваат раменици и се оградуваат, оти они не смееле ништо од нас да бараат, само ако самоиницијативно сме одлучеле може, што им одговара. Родителската не е пазар луѓе! Дури и благајник имаме и каса која се полни и празни. Ви се верува?! Па не дај боже ако останат пари од нешто што се купило поефтино, следува уште една тура на макотрпни и долги преговарања што да се купи со преостанатите 1000 денари на пример. Пластелин? ЦД од музички фестивал? ОК, ама сега кој? Едукативен филм? ОК, ама сега кој? Овој или оној? Овој мене ми се свиѓа, ама на онаа не и се свиѓа. И се така у недоглед!

А децава? Да не се немирни? Разгалени? Да не забегале случајно со однесувањето? Да не попуштиле со успехот? Спомнеш ли такво нешто, одма добиваш реакција: Ајде сега и ти ама си досадна, супер си се децата, нека ги, само се малку похиперактивни и поживи, побитно е какви блузички ќе носат на новогодишниот базар, дали сите жолти или сите портокалови, или машките една боја, женските друга боја, ама да пазиме бојата да е неутрална и машка и женска, со долги ракави или со кратки, ама ако е по кратки да биде врз блуза со долги ракави пошто ќе им студи!!!!

Системска болест! Све затруено! Неизлечива некоја! Не останала здрава клетка во нас! По политичарите најчесто блуеме, а сами сме поприлично забегани и болни исто ко нив… ако не и бетер!

Посетено 2.844 пати