Како станав гласот на животните, додека другите се обидуваа да ме занемат?

Секако ова е крајно метафорично. Никој не се обиде буквално да ме занеми или пак добивав било какви закани, но поедини критики беа доволни да го почувствувам оној притисок на цензура.

Јас сум за животните, ќе бидам за животните и тоа никој нема да може да го смени, ниту да ме предомисли.

Вчера, имавме натпис за кучето чија храна беше полна со шајки и морам да признаам дека нималку не ми беше сеедно кога прочитав одредени коментари од типот на:

  • оној што ја напишал статијава, сигурно ги ставил шајките, иначе од каде нему слики
  • што нема да напишат за пусти лајкови и прегледи (читај: пари)
  • зошто се постира ова, вие поттикнувате злоба…

Читам и не верувам. Значи постојат четири типа на луѓе во нашето опкружување:

  • оние кои прават зло
  • оние кои го осудуваат злото и се борат против нив
  • оние кои се борат против оние кои се борат
  • оние кои не се замараат.

Е па, пријатели мои драги, подобро е да не се замарате отколку да пишувате бљувотини и да клеветите. Не постои погадна ствар од клеветата. Вие видовте кој ги стави шајките? Вие видовте кој прв ги објави фотографиите? И да сте виделе, како може да тврдите дека истиот ги ставил шајките!! Срамота!

Македончето секогаш ќе удира по своето колку и да е невино (зборувам за конкретен случај, светци не постојат, да се разбереме). Секогаш ќе клевети, ќе урла… ама никогаш нема да седне и да си ги прибере глупоштините што ги зборува насекаде.

Пишуваат за пусти лајкови и прегледи, оние кои се занимаваат со сосема нон-сенс муабети. Која каква танга имала, мене искрено не ме занима. Што ѝрекла оваа на онаа исто така. Мене ме интересира општетството. Со какви луѓе јас живеам, со какви луѓе јас битисувам.

Се’ започна во 2017 кога напишав белешка за животните, почнаа да го преземаат, па дури и заврши како почетна мисла, слоган на протестот на животните. И тогаш сфатив дека без да знам, станав гласот на животните.

Три години јас читам коментари од овој тип, но не занемувам. Ако сите заедно се сплотиме како општество, ги фаќаме лошковците и ги осудуваме, тогаш веќе сме дупло подобро од нив, инаку сме само соучесници и ништо повеќе.

И за крај… не можеш од нормален човек да направиш психопат. Може некој таков чита и демне и си ствара илузии дека и тој тоа би го направил, ништо чудно. Но, ако не зборуваме, ако не сме гласни, ќе живееме во глува доба, да не речам глупа доба. Кај што никој ништо не знае, никој ништо не слуша, кај што секој живее во илузија, со розови очила.

А мене од бајки ми е доста. Имам една своја и таа ми е доволна, за своја душа. Но, надвор од неа сакам да бидам во корелација со реалноста. Затоа што нема да дозволам некој да ме прави СЛЕП при очи и ГЛУВ при уши, а ниту па да ме ШУПЧИ во здрав мозок.

Среќна Стара Нова!

п.с. Огромно браво за вистинските херои од улците кои постојано спасуваат нови и нови животни! Тие се оние кои треба да ги отпоздравите секој пат кога ќе ги сретнете на улица!

Марија Прличкова

©majkatiitatkoti.com  Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Посетено 260 пати