Како се ствара поезија? Со бескрајна самотија или колективна осаменост?

Поезија се ствара со лист хартија и пенкало на големиот одмор или поголема пауза меѓу часовите.

Поезија не се ствара кога си сам во тишина.

Поезија се ствара кога си осамен меѓу многумина.

Поезија не се ствара кога си очаен.

Поезија се ствара кога си разочарен, лут, бесен или премногу среќен.

Поезија не се ствара додека гласно се расправаш.

Поезија се ствара додека водиш в тишина конфликт сам со себе.

Поезија не се ствара додека си гневен на сиот свет.

Поезија се ствара шепотејќи.

Поезија не се ствара на биро во работна соба.

Поезија се ствара во парк, училница или на некоја пропатна клупа на улица.

Поезија не се ствара во совршен амбиент, погоден за творба.

Поезија се ствара во автобус, заборавјќи се во времето и просторот.

Поезија не се ствара седејќи комотно на некоја столица, гламурозна фотелја.

Поезија се ствара склупчен како фетус в кревет, згрчен, а сепак толку прецизен.

Поезија не се ствара за секого.

Поезија се ствара за луѓе кои ги сакаш, ти значат или ти биле доживотна лекција.

Поезија не се ствара додека молчиш и чекаш погоден момент.

Поезија се ствара во кулминацијата на мозочниот хаос, клеточното лудило, душевниот конфликт, срцевата такихардија.

Поезијата не се ствара романтично и нежно.

Поезијата се ствара брутално, крволочно, цицајќи ја секоја капка емоција, а сепак накрај е некогаш толку бајковито.

Поезијата не се ствара смеејќи, ниту плачејќи.

Поезијата се ствара умирајќи, крајно сериозно и посветено.

Поезијата не е убиец, а толку може да те спаси.

Поезијата не е волшебник, а може да те однесе во толку многу различни димензии.

Поезијата не е човек, а ти е најверен другар.

Поезијата нема очи, а сјае.

Поезијата нема солзи, а плаче.

Поезијата нема душа, а се смее, вришти од смеење.

Поезијата нема име… поезијата сме ние.

Марија Прличкова

©majkatiitatkoti.com  Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Посетено 480 пати