Јас скоро веќе и да немам вистински пријатели и среќна сум поради тоа

Постојат пријателства од кои ќе посакате веднаш и вие да си најдете некоја таква личност, но сепак никој не знае што се случува во позадина… некогаш колку и да изгледа толку совршено, толку невино, сепак зад сето тоа се крие една невидена подлост на која и ѓаволите ќе им позавидат…

Ретки се, не велам не. Постојат… но, да ги најдеш шансата е еден во милион, а да ги одржиш е уште потешко… И можеби во тоа е умешноста на пријателствувањето, можеби…

Сум видела многу пријателства, а и сум доживеала, секако… уште од најраното детство „кликнуваш“ со некои луѓе и со нив се дружиш повеќе од останатите. Дали ќе слушате иста музика, дали ќе се пронајдете во нешто, дали ќе бидете аутсајдери, дали ќе бидете главни, дали сте шмизли, дали сте фраери, дали сте гејмери, дали сте фудбалери… вие ќе кликнете, едноставно.

Во тие години, често и се скаруваме. Смир-смир со прстињата и ајде повторно на одбојка, лошите зборови заборавени, играта продолжена…

Потоа доаѓаат тинејџерските години, колку убаво и фино. Но, се мешаат нови луѓе, овој пат од средно и со некои од нив „кликнувате“, па неретко друштвата ви се мешаат, а сакате и да се одвоите со „новиве“ на сметка на оние старите. Како суштества кои се оформуваат најмногу баш во овие години се раѓаат и чувствата за кои не сме ни свесни дека дотогаш постоеле: љубов, љубомора, завист, оговарање, среќа, мечтаење, одмазда… еден куп чувства.

Тогаш почнуваат сплетките од „пријателите“. А, тогаш веќе потешко се забораваат зборовите. Веќе смир-смир ја нема онаа истата моќ од порано. Веќе навлегувате во светот на возрасните и се’ е навидум се толку потешко.

Во тинејџерските години нормално е да имате толпа пријатели, ма стотици познаници… од школо, парк, излегување, социјални мрежи… бројката рапидно се шири. Сам да си, некаде од заедничките места да појдеш веднаш своето друштво ќе го пронајдеш. Кликнуваш со сите побрзо од кога и да е. Пиење, забава, мубаети за се’ и сешто. Ти мислиш дека си веќе си возрасен и се’ си поминал…

Ох, не.

Доаѓа факс и веќе оние пријателства од клупите во паркот и омилената дискотека избледеле. Кој на факс, кој по работа, кој во странство. Бројката видно намалена, а надополнета со нови академски граѓани. И овде кликнуваш. Иста судбина делите со кафиња, колоквиуми, стрес пред испити. Но, веќе оформени личности сте и токму знаете со кого ќе останете пријатели, а со кого не.

И на крајот од денот, само еден од сите овие пријателства ќе се погоди да биде вистинскиот. Не зависно во кој период од животот ќе го запознаете, тој е еден, евенутално ќе бидат двајца, можеби тројца… или можеби ќе си создавате илузија дека сте цело друштво. Но, јас од моето искуство со „пријатели“, сфатив дека двајца се таман, а тројца веќе се гужва.

Јас скоро веќе и да немам вистински пријатели и среќна сум поради тоа. Живеев сон кој накрај испадна дека е обичен кошмар. Живеев илузија од која излезе болната вистина. Живеев туѓо пријателство губејќи ја секоја можност во тоа време да имам свое. Но, не ми е жал. Човек учи додека е жив, а токму тие пријатели ми оставија лекција за целиот живот.

Довербата е дијамант кој не се дава секому, а штом еднаш ќе се изгуби, тој никогаш не ни знаел да ја цени неговата вредност и повторно да му го дадете, тој за инает ќе го изгуби. Не сте компитабилни иако слушате иста музика…

Пријател е оној кој ќе стои до вас и ќе ве заштити, а нема да ве трачари наоколу како маалска алапача. Пријател е оној кој застане до вас и ќе рече: Те разбирам, ти верувам, знам дека не си крив. Пријател е оној кој нема да се сити на неправдите. Пријател е оној кој нема да ви ги создава неволјите. Пријател е оној кој рамо до рамо ќе се бори со вас, пријател е оној кој ќе ве предупреди кога ќе згрешите. Пријател е оној кој ќе ве чува како зеница во очите, пријател е оној кој ќе ве гледа како богатство.

За крај, една галерија од животни… кои ги видов вчера и ме инспирираа…

Вакво пријателство сакам!

Марија Прличкова

©majkatiitatkoti.com  Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Посетено 9.190 пати