Булингот не е мачешка кашлица, може со себе да донесе бројни трауми, свесни сте за тоа?

Ајде да позборуваме за врсничкото насилство, поточно булингот, како што многумина милуваат да го наречат.

Па, дали знаете дека жртвата може да биде во класот вашите деца, во маало, во најблискиот ресторан, продавница, игротека или градинка, во секоја болница, аптека, ама буквано насекаде?

Жртвата не мора да има синдром, далеку од тоа, таа може да биде било кој, вклучувајќи ве вас или вашето дете, брат или сестра.

Знаете ли колку деца годишно имаат самоубиствени мисли поради тоа што се жртви на врсничко насилство, поточно булинг? Дали знаете колку деца годишно одбиваат да одат во училиште или пак посакуваат да бидат префрлени во некое друго? Дали знаете колку деца годишно се здобиваат со анксиозност, депресија, панични напади и стравови? Дали знаете колку деца годишно излезот го наоѓаат во разни антидепресиви, па дури и наркотици, како и алкохол?

Не знаете, или пак преферирате да замижите пред овој факт. Ставате тажно смајли додека споделувте вести од наши и странски портали прашувајќи КАДЕ ЗГРЕШИВМЕ? Пишувате мудри мисли околу почитувањето и другарувањето, се сочувствувате со мајките на жртвите и опишувате колку сте огорчени од насилниците.

Јас за жал знам како е да си во кожа на оние кои ти велат дека треба да се убиеш, навидум како на шала, да те навредуваат и да пробаат да ти ја столчат и онаа малку самодоверба која ја имаш. Знам како е да си во кожа на оние кои никогаш не се сметаат дека се доволно добри, на оние кои секогаш те ругаат и те фрлаат во оган. Знам и воопшто не е лесно.

Булингот не е мачешка кашлица, далеку од тоа. Булингот е страшен и гнасен, баш како и оние кои го применуваат. И сите тие се деца. И оние кои применуваат булинг на 30 години се недоразвиени, инфатилни деца. Незрели и несвесни за своите години. Тие се вашите колеги кои се обидуваат да ви извршат мобинг на вашите работни места, вашите колешки кои ве утепуваат од озборување, вашите колеги кои се обидуваат да прават со вас секакви зезања, иако никогаш не сте дале повид за тоа.

И додека го пишував ова, пуштив по некоја солза, затоа што почувствував олеснување, а не гнев. Гнев чувствуваш додека не созрееш, додека не го надраснеш. После станува добро проучена лекција која те научила да си уште посилен.

Марија Прличкова

©majkatiitatkoti.com  Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Посетено 1.400 пати