Анксиозност, е па што? Слушај паталец: еве како да се справувате со неа!

Откако се појавив во емисијата, ме контактираа бројни загрижени пријатели кои се справуваат со оваа состојба, и сите ме прашаа исто: Како се справи со неа? Им одговорив дека јас никогаш целосно не се справив, туку дека постојано се справувам на бројни начини. Па, за да не објаснувам секому поединечно за моите начини на справување, решив тоа да го споделам со сите, со надеж дека некому ќе му помогнат моите алтернативни методи.

За потсетување, анксиозност имам од кога знам за себе (иако не знаев дека е состојба и дека истата има име), и никогаш не сум примала апсолутно никаква медикадозна терапија.

Пред едно 15-16 години учевствував во еден проект кој беше наречен: Конфликт, е па што? Така што идејата за насловот е сосема украдена. Но, ајде да прејдеме на главната тема: Како да се справите со неа!

Па, да почнеме:

1. Прифаќање на состојбата како таква

Прв начин кон спријателување со анксиозноста е нејзиното прифаќање како дел од вас, тоа значи да сфатите дека таа ќе биде во ваша сенка постојано, и тогаш кога најмалку очекувате, таа ќе биде спремна да ви прави друштво. Бидејќи е состојба која секој на планетава ја има, без разлика колку ќе си го признае тоа, иако се јавува во 6 различни форми, не можете апсолутно ништо да направите со кое што таа магично ќе исчезне.

Како да ја прифатите?

Така што ќе ја игнорирате и нема да ѝ придавате премногу значење. Таа е тука, тоа е факт. Но, колку мислите повеќе на неа, толку повеќе мозокот ќе ви се заплетка. Мислите ќе бидат насочена кон неа, а не кон ситуацијата во која се наоѓате. Анскиозноста може да се јави во доста непријатни, но и убави моменти, на пример на вашата свадба или дипломска. Зарем сакате да си го уништете моментот само поради вашата тензична другарка? Никако. Уживајте во моментот и исклучете се од светот. Бидете вие и само вие, исто како кога сте сами.

2. Медитирајте

Не буквално да изигравате Буда, со скрстени нозе и рацете врз колена (иако можете и така, никој не ви брани, но кај мене таквата медитација не помогна…). Медитирајте во парк со затворени очи, обично најдобро е кога е сончево. Излезете и мижете. Уживајте во тишината. Пуштете го мозокот на пасење и не размислувајте за минатото, напротив, мислете на позитивната иднина… а, особено на среќната сегашност. Сите имаме среќни и тажни моменти, па навистина нема апсолутно никаква потреба од навраќање на негативните мисли кои ќе ве фрлат во уште подлабока анскиозност, која може да доведе и до депресија.

Мој искрен совет е да одвоите време само за себе и да уживате во својата самотија.

3. Исплачете се

Еден од моите начини на справување или методи, како и да ги наречете, кој го спомнав во самата емисија е плачењето.

Солзите се чистилиште на душата и од време на време, душата бара да се испере. Сами, без никој да ве гледа, исплачете се од чиста мира, на некој тажен љубовен филм или книга. Под туш или додека се враќате дома додека врне дожд. Сеедно. Исплачете се, ќе ги исфрлите сите емоции кои ви тежеле на душата, а за кои не сте ни свесни дека постоеле. Плачењето не е куклавичлок, ниту пак е слабост. Токму спротивното. Солзите се знак дека не сте психопат, дека имате емоции и дека не се плашите другите да ја препознаат вашата „слабост“.

4. Читајте книги, гледајте филмови, играјте игри, слушајте музика

Правете се’ што е во сферата на забавата. Забавувајте се, смејте се, заборавете на реалноста и наполнете ги батериите. Вреди!

Всушност, правете се’ што отсекогаш сте сакале да правите кога сте биле мали, а вашите ви забранувале. Дозволете си го тоа задоволство во своето слободно време, но внимавајте да не претерате. Иако, не верувам дека некој родител би се лутел што детето му чита книги!

Башка, музиката е одличен терапевт и е одлична за продуктивност, а не бара ни цент.

5. Шетајте, истражувајте без да патувате далеку

Истражете ја секоја улица од својот град, дали е Скопје или некој друг град, сосема небитно. Ќе се изненадите колку работи има вашето родно место да ви понуди, или местото во кое живеете. Препуштете ја фантазијата на себе и поставувајте си прашања какви се луѓе живееле, колку местото било сменето… забавувајте се на отворено без мобилни и социјални мрежи.

6. Подобро сам, отколку осамен

Практично, во анксиозноста најлоша е осаменоста меѓу луѓе. Стравот дека нема да бидете прифатени, како другите гледаат на вас, дали ќе се вклопите, дали ќе трескате премногу зелени… дали ќе кликнете на прва, дали ќе оставите лоша или добра прва импресија… е навистина голем. Секако, не можете да се излорате и никогаш да не запознавате нови луѓе, но без разлика каде и да отидете, сметајте исклучиво само на себе. Да се отиде сам за време на големиот одмор или на пауза од работа, не е крај на светот.

Верувајте, подобро е да сте квалитетно сами отколку да сте осамени во неквалитетно друштво.

7. Најдете си прибежиште

Обично тоа е партнерот, иако многу партнери не ја сфаќаат сериозно оваа состојба кај другиот и попрво би избегале отколку да се обидат да помогнат. Но, може да биде и родителот, најдобрата другарка или другар… понекогаш една квалитетна другарска средба помага повеќе од посета кај психолог. Но, само доколку се обратите кај вистинската личност. Не избрзувајте со прибежиштето, тоа само ќе се појави тогаш кога ќе му е време… или ќе ви даде знак дека можете да го формирате.

8. Имајте некое интерено хоби

Цртање, фотографирање, правење накит и што ли уште не. Креативната работа и тоа како ја намалува анксиозноста и помога при справувањето со неа. Башка, од тоа можете да си заработите и некоја пара. Две муви со еден удар, нели?

9. Пишувајте или водете сосема најобичен дневник

Мојот спасител го оставив на самиот крај. Пишувањето ме оддржа во живот и во најтешките моменти кога бев најсклона кон депресија. Хартијата трпи се’. Не мора да сте писател за да се искажете. Водете дневник. Кажете што ви лежи на душа… а, ако некогаш сакате да ги изгорите и срамните со пепел сите моменти кои ве повредиле, тоа е најлесната работа што ќе може да ја направите. Запалете го! Или чувајте го за спомен и кажете си себеси колку сте го надраснале.

Се надевам дека моите совети ви помогнаа и дека ќе имаме уште повеќе вакви слични и помалку стории.

Марија Прличкова

©majkatiitatkoti.com  Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Посетено 8.899 пати