Нема лесна самотија, ниту лесна љубов

samotija_majkatiitatkoti

Ниту една осама лесна не е
ама ми се чини дека нема потешка
од онаа на која сам ќе се осудиш
да ти замрзни срцето
и околу душата ѕид да крениш
оти тој ништо не го руши
освен ако еден ден сам не ти текни
дека не само што никој да влези не можи
туку и ти да излезиш веќе не сакаш
нема
нема лесна осама за оние кои љубов сакаат
а од пусти страв ја бркаат
и од неа бегаат без да се завртат
та на сето трчање веќе сеедно станува
и така низ животот протрчуваат
и трчајќи в гроб легнуваат
се чини дека нема ништо поболно од осама
од онаа која во себе ја имаш и кога со некој си
та се лажиш себе
и него го подлажуваш
а и тој тебе по малку
па ретки се миговите кога воздухот околу вас
е полн смеа, воздишки и треперења
па наместо радост дишете горчина
згусната како маглата во Скопје
и во неколку квадрати бегате еден од друг
небаре три столици и една маса се барикади
ех
нема лесна самотија
како што нема ниту лесна љубов
и ниту едно ЗАЕДНО лесно не е
и ај биди мудар и одбери
ете одбери сам да не си
ама одбери со срце, кој љубов ќе ти е
а со умот работи за да не овени пустата
јас еве мудра не бев
низ животов сама бев
некогаш дури и сама без себе
а сега колку поќе себе се имам
срцево ко да ми се затвора
ко само жива ограда да си крена
оти умот не го вклучив ко требаше
за да го зачувам и галам
да пријател да му бидам
па ме казнува сега со ѕидови и бедеми
и не дава никој до него да стаса
ниту пак тоа да потрча во нечии раце
нема
нема живот без осама
ниту пак живот без љубов има
а и љубов без душа
а душата без ум не се чува
и ај сега
ај сега на старост учи она што не си научил ко требало
па отвори срцето
пушти ја душата да пее
и умот, аман умот вклучи го
за да се сакаш дур него го сакаш
и да се сакаш ко ќе те отсака
за самотијата да не те изеде
оти нема
нема ништо поболно од осама
ништо

Посетено 3.921 пати