Ако некој не те цени и прифаќа без разлика на се’, тогаш тоа е негова загуба!

Многу пати луѓето се трудат да се докажат и покажат, не знаејќи дека воглавном тоа е залудно. Апропо сите мои текстови (муабети) за почитта, ценењето, прифаќањето, душевните болки, анскиозноста, депресијата… и овој муабет ја има истата цел.

Да те вразуми бидејќи се’ почнува од тебе!

Знаеш колку пати се обидов од петни жили да се докажувам пред светот за моите квалитети? Знаеш колку пати се обидов да бидам сфатена? Знаеш ли колку пати се исплукав во огледало бидејќи не сум совршена?

Не знам… милион пати. Не бројам.

За да пред неколку месеци, сфатам нешто. Тие губат, јас не.

Јас ќе останам истата. Истата будалетинка, истата детелинка, истата радост, истата несреќа… за кого како. И сега и после 100 години од сега.

Ќе сменат мислење оние кои ќе се потрудат да ме запознаат подобро, ќе се обидат да ме разберат и ако заслужам ќе добијам моето место под нивното сонце, а богами и тие под моето.

Јас можам да ти бидам и пријател и верна сенка, и сопатник и сослушувач… ама ако ти упорно не ме цениш и не ме прифаќаш, тогаш зошто сум ти јас, а зошто па си ми и ти?

Ако ти на пружената рака плукаш, тогаш јас ќе си ја плукнам својата ако повторно ќе се обидам да ти ја пружам. И не бидејќи не сум човек, туку затоа што го терироризам сопственото срце и душа. Се тероризирам самата јас. А, зошто? За глупост.


Ако ти на секој мој збор враќаш со пцост, тогаш ако уште еднаш се обидам да ти покажам милост, тогаш ќе се опцјам себеси до десетто колено. И не бидејќи не сум човек, туку затоа што ја продавам душата за грст навреди и пцовки.

Ако ти на секое мое разбирање враќаш со потсмев и смеа, тогаш заедно со тебе ќе се изнасмеам најгласно што можам. Но, не бидејќи е смешно. Туку затоа што е трагично. А ќе се смеам самата на себе што сум толкав идиот.

Јас, наивното мало девојче, цел живот се трудев да бидам сфатена. За најпосле да сфатам дека уметноста лежи во несфатеноста.

Јас, наивното мало девојче, не губам. Губиш ти.

Јас губам негативност, разврат, блуд, глупост од човек. Ти губиш пријател.

Јас губам нервоза, страдање, солзи… ти, ти губиш раме за плачење.

Јас изгубив време, но ти изгуби многу повеќе, ти ја изгуби мојата бесценетост.

Посветено за сите оние луѓе кои СЛУЧАЈНО, а повеќе од се’ сум сигурна НАМЕРНО се избришани од мојот живот.

©majkatiitatkoti.com  Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Марија Прличкова

Посетено 2.518 пати