Власт како сласт

Аман, пак ли со политикава? Не дека не, ама нема да пишуваме за нашите познати партии, овојпат. Муабетот е нешто друго. Значи, вака. Сте се прашале ли некогаш, што би се случило во вашиот живот, ако по некоја случајност се најдете на власт?


Неми сведоци сме дека нашава Македонија е преполна со “стручњаци” од сите можни области, особено кога говориме за машката популација. Пола од мажите во државата се електричари и автомеханичари бидејќи повеќе се под, отколку во нивните коли. Иако, најчесто, не по своја вина, него од простата причина што низ улиците тркалаат крнтии “матуранти”, а и оние пред пензија.

Другата половина се занимава со селекторување во секоја можна национална спортска репрезентација, а на фудбалското “знаење и стручност” во одредувањето на тактиките, стратегиите и изборот на репрезентативци може да ни позавиди и еден Бразил.

Ама, најтупаџии се оние типчиња што мислат дека се разбираат у политика, посебно у економија. А, токму тие се најбројни и најжилави. И, досадни се бе брате, ко стеници. Па они се разбираат у целата глобална политика на планетава, а како да не и во политичката проблематика во малава држава. Тоа за нив е “п… димче”.

“Абе, да сум на власт само 5 минути, ќе ја средам земјава за час”. (Како не, бе дечко).

Па ќе затвараат, па ќе апсат, ќе прават егзекуции на Камениот мост, ќе ни освежуваат и живнуваат економски и ќе ни заведат демократија и власт од која не ќе знаеме како да се откачиме. Од среќа и благостање, мислам.
И, често пати се прашувам, зошто луѓето кои сакаат да политикуваат, едноставно не се активираат политички, па стварно ако ги бива, нешто и да помогнат. Мислам дека одговорот на ова прашање е прилично поразителен, затоа што грото од народот осеќа невидена одбојност и аверзија кон политиката. Апусрд, пар екселанс, нели?

Сакаат да дробат празна слама,ама ако може од дома, или најчесто од кафана, уз ракиица и мезе. Па утре, откако прво ќе вриснат кога ќе се видат у огледало онака тапосани и ноќешни, пак ќе си политикуваат. До новото начукување и малтретирање на поштен народ.
Од овие ме фаќа паника, зашто ми е страв и да помислам што ќе се случи ако некој од нив стварно залута у “својата бранша”. Ќе има можност, својата “елоквентност и стручност” да ни ја набива на нос, овојпат сосема легално и од позиција. Е, дури тогаш сме го обрале бостанот, како што и го собираме веќе подолго време.

Истата ситуација се случува и со интелигенцијата и со младината. Политика може, ама од страна. Никако унутра. Ако може, преку фармерки, така е најбезбедно.
Сакам да кажам, некој просто е створен за политичар, а некој не. Не може секој да професионален продавач на “димови”. Знаеме, веќе какви. А, најбезбеден и најпроверен начин да дознаете дали ве бива за политички лидер е веднаш и неодложно да се кандидирате за претседател на куќниот совет, да не речам на Месна заедница (месна, бе).

Ако тука успеете, ако уште од првиот ден се осетите надмоќни и напрдени и со споени веѓи од старт почнете да изигравате водач, вие сте на правиот пат кон ѕвездите. (Ја сум си мирен, зашто знам дека не зум за политика. У осмолетка еднаш бев претседател на клас,ама мандатот ми траеше само еден месец. Не знаев да ги кодошам другарчињата, што е прв предуслов и добра политичка основа за евентуална кариера).

Посетено 434 пати

Сашо Христовски

Сашо Христовски

Сашо Христовски