ВИСТИНСКА ПРИКАЗНА: ТРИ МАЈКИ – ТРИ ИКОНИ
Фанија, Марија и Радмила
Вака:
Едната е мајка Фанија. Почина, мислам во 1976 година во Скопје. Беше мајка на осум родени деца, а имаше и две дојдени, откако мажот и се прежени, па ги донесе дома.
Фана беше прекрасна убавица, дете на богати родители од прилепско, а судбината ја доведе во Скопје, во убава голема куќа на Водно, откако се вљуби во Александар.
Изродија 8 деца, кој од кој поубав и поумен, сите се исшколуваа, се запослија на убави места, се родија еден куп внуци и правнуци.
Децата растеа и беа одгледувани во тешки услови, но беа сакани и воспитувани на најубавиот можен начин. Таа, за време на војната, откако и рекоа дека најстариот син и е во Урошевац и дека го нема веќе неколу дена, се упати ПЕШ до косовскиот град-да го бара.
И, го најде мајка. Пеш.
Фана не можеше да го издржи теретот на неправдите, но и последиците на скопскиот земјотрес кој им ја урна куќата, па со подослабнати нерви го продолжи животот во една мала собичка, се до крајот на својот маченички живот.
Таа стана икона.
Мајка Марија роди три деца. Три сестри. Во Втората Светска војна, нејзиниот прв маж беше стрелан од страната на усташите во Хрватска, кога таа беше во деветтиот месец на бременоста.
Најстарата ќерка никогаш не го виде татко си. Го знае само од партизанските фотографии. Мајката Марија тогаш се омажи за неговиот родени брат Алојз, исто така партизан. И, со него изроди уште две ќерки.
Трите беа гледани како малку вода на дланката, трите се омажија за тројца лепотани, изродија дечиња, внуци. Сите тие, до бесвест ги почитуваа Марија и Алојз. Тие, тоа го заслужија.
Марија деновиве е на умирање. Не се дава.
Таа стана икона.
Мајката Радмила никогаш немаше свои родени деца. Имаше несреќа, татко и да ја вети за човек кого таа не го сакаше. И, Рада, пред педесеттина години, во селска средина, се реши за најрадикалниот потег-замина бегелка.
Рече, стрелајте ме, јас не одам за него, попрво ќе одам на туѓи деца, отколку со него. Судбината повторно се вмеша. Радмила. се вљуби во убавецот од соседното село, вредниот Иван и замина за него.
Но, тој беше вдовец со пет мали деца. Рада го знаеше тоа, но не се откажуваше од својата љубов. Ги гледаше и ги одгледа петте деца, никогаш не им ни подвикна, а камо да ги потчукне по газето.
Ги гледаше како свои и ги направи луѓе. Чесни, работливи и многу почитувани. Тие, никогаш не ја нарекоа со друго име, освен со “мајко”. Таа им беше и им остана мајка. За вечна гордост.
Мајка Радмила сега живее осамена на големиот имот, остарена и изморена, но горда на она што го сторила. Сите ја сакаат, ја посетуваат.
Таа стана икона.
Овие мајки, имав среќа да ги познавам лично.
И да им се восхитувам до небото, да учам од нив, да научам дека мајката е она највозвишеното суштество на земјава, дека мајката е главата на секое семејство. Без разлика на авторитетот на машката глава.
И, да ги споредам трите икони од мајки, со некои денешни, модерни мајки, кои немаат ниту “м” од оваа привилегија.
Мајките кои мислат дека ја завршиле целата работа со породувањето, оние кои повеќе мислат на своите фризури и за тоа каде ќе одат на годишен одмор, отколку на подигнувањето на убаво воспитани и чесни луѓе.
Толку.
Посетено 5.070 пати