Толку блиску…толку далеку
[fblike]
Поблиску
ела малку поблиску
уште само еден милиметар
мхмммммм
ете таму
застани
токму таму каде што си
доволно блиску за да те намирисам
и доволно далеку да не можам да те дофатам
исцртувам невидлива линија во воздухот
зад неа те сместувам
и пред тебе знак СТОП ставам
толку ми требаш
или поарно да кажам дека повеќе од тоа не ми требаш
доволно блиску
за сите телесни течности да вријат
како измешана напивка
како лек
или како отров можеби
и доволно далеку
за копнеж да ми остане
и здодевни да не си станеме
од љубомора да не се изедеме
и страста да не си ја убиеме
ти отаде линијата
јас од оваа страна
седи мирен и тивок
со бавно дишење кое нема да ме ремети
и гледај
кожата сосе облека си ја слекувам
сега и ти ќе ме намирисаш
отаде
што подалеку од мене
а толку блиску
и тука
од оваа страна на линијата
молчиме
секој на својата страна
дур во ист ритам дишеме
и постоиме
доволно далеку
и толку проклето блиску
со невидлива линија меѓу нас
која затега како јаже
толку блиску…толку далеку
Посетено 2.192 пати