Сустипан

Колку лесно си ги
присвојуваш нештата
што сам ги откриваш.
Сеедно, си го најде местото
што ти ја кроти душата.
Каков мир, ко да си од
другата страна на животот.
Ветерот гали уши – небаре
шепот на духовите на оние
кои почивале овде.
Има ли нешто пологично
од тоа бившите гробишта
да се претворат во парк?
Но на клупите под боровите
(Sanctus Stephanus sub pinis)
се чувствуваш пожив од кога и да е.
Очите ти го пијат морето,
погледот останат без здив,
восхитеноста голта плунка –
кон хоризонтот ко птица,
по боровите ко верверица…
Речиси е празно.
Заљубени парови,
млади мајки со бебиња во колички,
пензионери во проштални прошетки…
На клупата блиску до мојата
еден старец половина час
разговара на мобилен,
којзнае со кого,
можеби со Господ?

Посетено 403 пати