Што ќе ти остане после мене?
Што ќе ти остане после мене?
нечија туѓа насмевка да ти го краси денот
а зад неа едно големо ништо
и ќе се преправаш дека си среќен
најгласен меѓу непознати
а внатре?
што ти вели штракалото
дали молчи и луто ти е
или олеснето чука бавно и мирно
ќе ги врвиш деновите полека
утре ќе е исто како вчера
а денешниот ден не го ни мислиш
само во главата го прецртуваш
со една остра и тенка линија
во замислениот календар на твојот живот
што ќе ти остане после мене?
спомени за на старост да се потсеќаш
на лудата црвенокоса која сее хаос
или косата ми ја паметиш на перница
распослана меѓу нашите воздишки
или можеби веќе ништо и не помниш
си ме заборавил како епизода
од досадна серија извадена без ред
која ја гледаш колку времето да ти мине
што ќе ти остане после себе со мене?
да се смееш на својата слабост
или да ме презираш за мојата
да се мразиш за она што не ми го даде
или да се гадиш од она што ти го дадов
цел еден живот
собран во неколку месеци
со бол
и смеа
среќа
и повторно бол
и еве, ме нема
а и ти којзнае каде си веќе
како да не сме постоеле
како отсонуван сон во кој сме се нашле
и потем на јаве сме се изгубиле
со прашања на кои одговори немаме
ниту ти, ниту јас знаеме каде сме
што ќе ми остане
и што ќе ти остане после мене
после нас
после се’