Ситна душа
Во кафичов во маало каде што често одам. На масата до мојата седат две девојки. Келнеркава изгледа немаше ситно да им врати, па тргна да раситнува. Се буни еднава девојка „Значи највише мразам кога немаат ситно, па морам да ги чекам да раситнат од негде.“ Мразам и јас, си помислив. Навистина, кога веќе работиш со пари, во секое време треба да си обезбеден со ситно. Во маркет, ресторан, особено во такси се нервирам кога ќе ми речат „Немаш ништо поситно?“ Ама се снаоѓаш некако. Луѓе сме, имаме разбирање. Продолжи девојкава да мудрува, сега веќе погласно, нели, оти требаше да ја чуеме сите „Погледни ја, трча. Епа ќе трчаш сега, кој нема во глава, има во нозе! Што сум должна јас тука да чекам?!“ Келнерчево е ново. Младо фино и пристојно девојче, нема преку 20 години. Нова работа, сака да се покаже и најмногу, да нема проблеми со муштерииве. Во два маркета влезе и во сендвичарата до кафичов. Задишана се врати со раситнетите пари и право накај девојкиве. Ѝ го подаде кусуров на оваа што се бунеше и нервозно си играше со новчаникот во рака. Мислев за ситно од 1.000 или 2.000 денари се работи. Кога тоа, келнеркава и подава неколку железни пари. 10-20 денари, не знам точно колку беа. „Извинете, се случува“ ѝ вели. И до тука, навистина се случува. Оттука натаму не…
Келнеркава ги држи париве, раката испружена, девојкава ја гледа во очи, молчи, се прави наудрена дека не ги гледа париве: „До кога ќе те чекаме бе девојче?“ Станува, лута и вознемирена, главата во плафон, целата важна, сега сите во неа гледаат бидејќи беше доволно гласна сите да не информира дека има некој проблем, се врти накај келнеркава, ги зема парите одважно па и ги врати во дланка, ѝ ги затвори прстиве од раката, онака како кога некој близок ти става пари во рака и ти вели „земи, земи и молчи“ и дрско ѝ се обраќа „Не ми требаат. Задржи кусур!“ Замавна со косата, продолжи нешто да ѝ ломоти на другаркава која цело време се смееше под бркови и заминаа. Келнеркава ја фатив во тој момент. Ѝ се заледи лицето, ја прибра раката, подзастана и занеме. Не знаеше што да прави со „големите“ пари што ги држеше во раце. Ја наведна главата, се усрами од погледите. Ја понижи пред сите. Ја натера да шета по продавници за да ѝ врати 10-20 денари кусур, а потоа ѝ ги остави. Како што се фрла коска на куче. Зошто? Зошто веднаш не ѝ рече „Задржи кусур“ ако имала намера да ѝ остави? Што беше муабетов? Е сега ќе видиш ти, трчај, испоти се малку? Да можеше, да смееше, мислам дека келнеркава во лице ќе ѝ ги фрлеше парите. Ќе ѝ ги вратеше, да можеше некако, да не ѝ беше непријатно.
А немаше од што непријатно да ѝ биде. Келнерката едноставно немаше ситно. На онаа што си замина требаше да ѝ биде. Таа беше таа со многу, многу „ситно“ во себе, целото ситно од сите маркети и сендвичари кај неа беше собрано… Првата душичка… втората ситна душа…