Seen

seen-pocetna_majkatiitatkoti
Овој феномен му е познат на светот многу, многу пред да се појави на фејсбук. Невозвратени пораки, неодговорени писма… изѕвонување на телефонот до крај или додека не се вклучи секретарка и мал милион слични појави. Ништо ново. Но, интересно е дека seen не значи секогаш игнорирање. Понекогаш е лекција која сакаме да му ја очитаме на некого. Да го научиме да не си игра со нашите чувства. Но тоа не значи дека чувствата исчезнале. Тоа значи дека очекуваме да направи повеќе од праќање порака. Тоа значи дека очекуваме да преземе поодлучна акција ако нешто им значиме. Понекогаш многу поодлучна, поупорна и поквалитетна акција отколку онаа првобитната, додека сме се запознавале. Ако нешто сме ус*але, ќе мора потоа добро да исчистиме, дезинфицираме и дезодорираме. Затоа што за тоа е предвидена друга просторија, а не нечии чувства. Емоциите се скапоцен летачки ќилим, и со нив мора внимателно. Интересно е дека поправањето на грешката често знае да биде многу поскапо, подолготрајно и поисцрпувачко отколку правењето на истата. Добро, понекогаш можеби мислиме дека не сме криви Ама, верувајте – криви сме. Секогаш дел од вината има и во нас, колку и да сме биле добронамерни. Грешките најчесто доаѓаат спакувани во привлечна амбалажа и не сме свесни дека ги правиме се додека не се појави тоа проклето “seen”. Seen е феномен со непозната должина. Понекогаш знае да остане да стои така како зацементиран надгробен споменик на една врска. Но, честопати, баш кога не гледаме во екранот, колебливо ќе се појават оние трепкачки три точкици за веднаш потоа да се изгасат. Се бараат вистинските зборови, а нив најчесто ги нема. Паралела на тоа е онаа полна корпа со изгужвани писма кои никогаш не биле испратени. „Не знам што да кажам“ – вака најчесто се чувствуваме. Но, вистината е малку посложена. „Не знам што да кажам“ во суштина значи – „Сакам да видам дека се обидуваш поупорно. Сакам да ме увериш дека ти значам. Сакам да ми покажеш дека сум ти поважен од суетата“. Seen понекогаш е премала казна за штетата што некој ја направил, а потоа се обидува да ја поправи со една порака од неколку збора. Seen е скоро секогаш сосема заслужен. Затоа, погрижи се да ги поправиш работите додека е време, инаку тоа „seen“ може да биде и последното нешто што ќе го видиш од некого.
mondivi_baner_wide
Посетено 1.267 пати