Првата љубов…се сеќавате ли на неа?
Милион пеперутки во стомакот, а вие немате инсектицид со вас. Мала шега…
Јас искрено, не баш.
Најверојатно бидејќи беше многу одамна. Првиот бакнеж секако дека го паметам, лигав со неартикулирано движење на јазикот.
Нормално за една 14 годишна тинејџерка која не знае што прави во моментот.
Очекува нејзиниот принц да ја води, но изгледа и тој не е доволно упатен во француското бакнување.
Да не го споменуваме првото рендеву со првата љубов од детството, кое се уште ми измамува насмевка.
Безброј глупави разговори кои на крајот завршуваа со срамежливо завртување на главата, наместо со првиот бакнеж.
Бакнежот нормално секогаш доаѓа на крајот од вечерта, кога нема каде да се бега повеќе.
Сите тие срамежливи погледи се соединуваат во еден длабок кој кажува дека усните треба конечно да се спојат.
Се сеќавате на овој поглед, нели?
Како може уште и да прашувам, нормално дека да. Можеби низ магла, но сигурно сте го запомниле чувството кое ви се појавило во моментот.
Милион пеперутки во стомакот, а вие немате инсектицид со вас.
Мала шега…
Да, тоа чувство кое како низ магла ве тера да посакате да се врати моментот кога сте го осетиле.
Не за друго туку да ја прекинете магијата која по одреден период вашиот принц сигурно ја прекинал. Нормално, сте биле тинејџери, но тој сепак не бил принц, сега сфативте дека е само обичен коњ, а можеби се уште не е променет.
Можеби и не го заслужил вашиот прв бакнеж воопшто.
Ах, таа прва љубов. Прв бакнеж, прв допир под маичката кој како по правило девојчето секогаш го прекинува, за да не испадне лесна прилика, нели?
Сега тоа ви изгледа толку глупаво, бидејќи времето се измени. Денес луѓето си дозволуваат секс за една вечер, а вие сте се грижеле за само еден допир.
Сепак убаво е кога ќе се потсетиш на првата љубов. Иако не се сеќаваш баш најдобро, деталното опишување на некои од моментите се повеќе и повеќе ти ја разјаснуваат сликата. И почнуваш да се смееш.
Јас се смеам кога ќе ми текне, а вие?