„Од собата до Холивуд“ од Весна Дамчевска

avtor-vesna damcevska_majkatiitatkotiВесна Дамчевска, новинар, уредник, автор. Дипломира Интердисциплинарни студии по новинарство на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Од 1998 година работи како новинар во културната редакција на дневниот весник „Македонија денес“ и во неделникот „Денес“, потоа во културната редакција на дневниот весник „Време“. Од 2008 година работи во реоформениот прв македонски дневен весник „Нова Македонија“, а од 2010 година ја уредува културнара рубрика на „Нова Македонија“ и Прилогот за култура, творештво и идеи ЛИК во истиот весник. Објавувала културолошки текстови и во стручни списанија и зборници („Книжевен контекст“ на Институтот за македонска литература, 2009 година, Скопје; „Театарски гласник“ на Дирекцијата за култура и уметност-Скопје, 2012, Скопје; зборниците „Нов танцов театар“, 2011 г. и „Патот на промените“, 2012 г. и „ на културниот центар „Интерарт“…).

Во 2012 година магистрира на тема „Сликата на жената уметник во биографскиот филм“ на Интердисциплинарните културолошки студии на Институтот за македонска литература. Редактор e на два прозни избора: „Бубамара на зрно калинка – 50 години Конкурс за краток расказ на Нова Македонија“ (Скопје, 2010 г.) и „Антиупатства за лична употреба на Александар Прокопиев (Скопје, 2012 г. избор), изданија на „НИК Нова Принт“. „Од собата до Холивуд“ (издание на „Зојдер“) е нејзино прво авторско дело.

Korica

Од рецензијата за книгата „Од собата до Холивуд“ (Сликата на жената уметник во биографскиот филм) од Весна Дамчевска

Дефинирањето на тематското поле во книгата е интригантно импликативен – како докажани уметнички од 20-иот век, Фрида Кало (сликарка), Вирџинија Вулф и Силвија Плат (писателки) и Дајен Арбус (фотографка) – се третирани во биопикот (biographical picture). „Од собата до Холивуд“ е богато содржајна и провокативна студија со луцидни анализи и толкувања, обмислена со критичка, културолошка свест преку која се афирмираат две значајни теми – жената уметник и биопикот (биографскиот филм). Со суптилен, но изразит критички однос кон остварувањата на денес доминантната седма уметност, низ критериумски поткрепена културолошка и филмска анализа, Дамчевска создава истражувачки и актуелен труд, во кој што преку две обмислени целости – едната теоретска, генерална, за позицијата на жената уметник во современата култура и втората, конкретно аналитичка, за четири популарни биопици каде што се случува специфичен судир меѓу креативното и популарното, индивидуалното и општо прифатеното. Не е случајно што болеста и доместик мелодрамата се доминантни теми во анализираните биопици. Филмските читања најчесто ја симплифицираат комплексната врска на жената уметник со своето дело, но и со своето секојдневие. Убедливо е претставен своевидниот парадокс што “сликите што живот значат”  го прават во однос на вистинскиот живот. Анализирајќи ја беспоштедно романтичната представа за креативниот гениј наспроти макотрпната, индивидуална судбина на жената творец, Дамчевска со знаење и страст ја разоткрива се` уште репресираната слика на жената-уметник, што преку холивудските шаблонизирани спектакли за несекојдневното, ја остава и натаму вистинската творечка сила на жената-уметник во сенка.

Проф. д-р Александар Прокопиев

ИНФОРМАЦИЈА ЗА МЕДИУМИ

Почитувани,

Издавачката куќа „Зојдер“ и „Галерија 8“
Ве покануваат на промоцијата на книгата „Од собата до Холивуд – сликата на жената уметник во биографскиот филм“ од Весна Дамчевска.

Промотори се: Александар Прокопиев и Ана Мартиноска.

Промоцијата ќе се одржи во „Галерија 8“ (Безистен- Стара скопска чаршија) на 29 ноември (сабота) во 20 часот.

Со почит,
Издавачка куќа „Зојдер“ и „Галерија 8“

Посетено 550 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!