Пациент
[fblike]
Вечерва направив голема грешка. Не успеав да му одолеам на искушението да ја гледам дебатата во Отвореното студио на Телевизија 24. Сама себе си се казнив. Доживеав стрес и шок од такви размери што вечерва ќе ми биде навистина тешко да заспијам. „Дебатата“ беше огромен дебакал, срам, понижување на ниво кое е еднакво на дно на сите дна! Јас не почувствував должност да ги догледам до крај. Немав ни сила, ни волја. Она беше мачење! Она беше за плачење! Снимка која евентуално би можела некому да му ја пуштам кога немам зборови да му опишам колку сме мизерни и бедни!
Кога дошло ред глумци, наместо да зборуваат за филмови, театри и претстави, културно и пристојно бидејќи сепак се уметници, да се расправаат и навредуваат онака јавно за политика, што е следно во серијалот? Да се повикаат следниот четврток лекари, да се одреди паушално некоја тема, што знам, небитно, „Бубрежни заболувања“ на пример, и да се остават лекарите да си ги извадат очите, најверојатно со расправии за тоа колку апарати има сега по болниците, а колку немало за времето на претходната власт.
Не, ние не сме скршнале од патот. Ние сме излетале од патот, сме паднале во провалија, сме се тумбале до дното на провалијата и сме се направиле парам парче!
Во моментов, Македонија е пациент во кома!
Посетено 6.708 пати