Облаци како пердуви од гулаби
[fblike]
Кога утрата со пелин се полни
и сива боја како перја од гулаб
а сонцето демек свети
и на лето мириса
ама тебе во душата горко ти е
и ниту сонце гледаш
ниту синило во окото ти влегува
па стушен си ко градов пред дожд
и од телото тага ти испарува
како градов после дожд
и низ денот мислите ко грев си ги носиш
па се прашуваш дали за твојата болка апче има
или некој иљач старите што го знаат
оти ништо не те боли
барем однадвор здрав си
и се смееш до премалување
се токмиш во фустани и лажен сјај
ама очите празни ти се
ко пресушен селски бунар
и те боли некаде внатре
ти шета болката од ваму-таму
од таму-ваму
и не знаеш дал џигерот е
или желудникот те вие
а можеби и матката ти се грчи
па со премрзнати раце среде лето
телото си го држиш
и да се смириш се обидуваш
како да сакаш да си кажеш нешто утешно
ама ништо паметно не ти текнува
и се трудиш на умот работа да му најдеш
та читаш една иста страница по неколкупати
па зачистуваш низ куќа пеејќи на сиот глас
ама чудно одекнува кај срцето
како ехо
како празно да е
и кога ноќта ќе го изеде денот
веќе нема каде да бегаш
и во себе се стуткуваш
се обидуваш да се исплачеш
па заспиваш со суви очи
и сонуваш
градов го сонуваш полн облаци
сиви и меки како пердуви од гулаби
Посетено 1.146 пати