Нокте на малиот прс?

Кога бевме мали, во близина на последна дваесчетворка во Тафталиџе 2, имаше една трафика со таков лимен покрив, што кога со компир ќе замававме од зградите, унутра стануваше општа узбуна, СВОЗ и слиучни емотивни ломови на вработените – дотичниот Василе и неговата животна содружничка, не знам на кое име се одзиваше и како се прозиваше.


Мирното типче Василе беше многу добро човече, а изгледаше како да е дел од постојаната екипа на легендите на Магнус/Бункер тимот “Алан Форд”.

Значи, масна капа Титовка, со петокрака на чело, најчесто облечен у резервна војничка униформа, цвикери со некоја темно-кафејава боја на стаклата, на едното око ако немаше бела газа, еве на…, брк усукан со сланина, штрбав до даска, на двете раце имаше саати, тежок не повеќе од педесетина кила и пичеше со еден најголем точак у свет, каков што после тоа не бев видел.
Васе беше жива легенда и кај нас копиљаците и кај маалските фраери – ние обесени на фрижидерот за сладолед, а големиве поседнати околу на ладно Скопско (кое во тоа време беше џабе), по фудбалските мечеви у тревњаците, откако ќе не избркаше чуварот,”зелениот”. Ееј, имаше чувари на тревњаците.

Шо е работава со Васе?
Јас еве веќе триесет години не престанав да се фасцинирам од моментот кога Васе ќе ни враќаше кусур.
Откако го приметивме, после тоа све му дававме крупни пари само за да враќа кусур.
Значи, ќе ги изброи ситните монети и откако ќе ти даде у рука, така елегантно ќе те полазеше со дугачкиот нокт од малото прсте, што те подолазеа жмарци до другиот ден. Тиха језа, не знам како друкчие да опишам.
Оттогаш, исто така не престана мојата опседнатост со љубителите на пуштениот (од контрола) нокт на малиот прст.
Може и на двете раце, а најстрашната варијанта е и на палците. Па тоа е ладно оружје, бог те јебо.
Никогаш не дознав дали малото нокте е “нобл”, дали е мода, помодарство, престиж, или ќе да е алат.
Мода не е, а најверојатно е дека е алатка-“уради сам”.

Еден моторџија од Скопје, кој на времето го закачавме за “секачот” на малиот прст, толку страстно и уверливо не убедуваше дека тоа е затоа што: “само со ноктето можело да се отшрафи едно шрафче кај карбураторот на Че-Зе-тката и тоа директно да падне у каналот на нокатот”, што останавме занемени од оваа Еурека.
Се до теоријата на еден маалски гулабар, дека тоа служело за чистење на газињата на голубиве, бе!!
Да се акнеш од земја.

Има и други намени:
…за отварање на писма (сега, сe поретко заради е-маилот), за отварање на паштети од картон амбалажа, за чепкање на јадната носна шуплина, да не речам ушите клапуши, но и за цртање на скици на салфетка у недостиг на плајваз.
А, оние помасивните и покрупните секачи и за селф-дифенс у крајна нужда – ако те цимне у жила куцавица, ќе искрвариш ко глупак…
Затоа, не се заебавајте со маливе ноктчиња, затоа што тие си имаат намена која во најмала рака заслужува страхопоштовање.
Ако ништо повеќе.
А, за да нема забуна, муабетот се однесува само на припадниците на погрозниот и позагрозениот пол.

Посетено 7.593 пати

Сашо Христовски

Сашо Христовски

Сашо Христовски