Не оставај ме да чекам
грев е на љубов да осудиш човек
и да го оставиш на неа да чека
да му тлее во душата
дур врват сите магии покрај него
оти ако не ги зграпчи сега и одма
одминуваат и прегоруваат
како кибритчиња во ветровита ноќ
ете
туку така само ги снемува
неповратно
а во тоа мекото
зад градите
ете во тоа мекото оганче си тлее
а ако не му фрлиш жар
ќе згасне
за навек ќе го снема
оти ние луѓето
живееме онолку колку што во градите ни гори
колку што огнот го чуваме
а пак
можеме откако ќе згасне
и децении да дишеме
траги зад себе да оставиме
кои бргу испаруваат небаре
жежок асфалт со вода сме полиле
оти во срцата кога ќе се закопаме
жарот таму ко ќе изгасне
низ животот само се прпелкаме
од таму-ваму
од ваму-таму
и никаде не стасуваме
оти грев е
голем грев е
човек на љубов да осудиш
да му ја покажеш
да се порадува
да копнее
а потем како на дете играчка
да му ја земеш и
во самотија да го фрлиш
во тишина
тогаш гревот фаќа
ете тогаш
кога на човек љубов-лажливка ќе му дадеш
на градите да му се залепи
а потем да му ја земеш
да го проколниш
смеата да му ја убиеш
на чекање на љубовта да го осудиш.