Не и се лутете што цел ден го поминува на прозорец

starica-na-prozor

Не и се лутете што цел ден го поминува на прозорец. Таа не е како оние кои берат туѓа грижа и живеат туѓи животи. Не е како оние што водат прецизна евиденција на туѓите грешки. Не е таква она. Туку, си поигра животот со неа. Грубо си поигра. Проба љубов на рана возраст. Лудо се вљуби во еден ветропир. Избега од дома. Научи да се снаоѓа. Знаеше да живее и со малку и со многу. А него секогаш го дочекуваше како крал. Го спитоми дивиот ветер во него. Им се родија две дечиња. Едното умре на сон. Рекоа престанало да дише. А само што прозборе. Длабока лузна се забразди на нејзиното чело. Веднаш над веѓите. Маж и се разболе од мака. Му напукна срцето. Лекарите правеа многу испитувања, но не можеа да најдат ништо. Веројатно тоа беше од оние пукнатинки невидливи за медицинските инструменти. Тогаш му препишаа скапи лекарства за да го одржат во живот.Таа мораше да работи две работи за да може да ги плати се повисоките сметки. Мораше да се грижи и за синот. Но секогаш наоѓаше доволно време за нив. Кратеше од сонот. Никогаш не се пожали на никого. Дури ни на Бог. Устата и беше полна со благодарни зборови. Знаеше да ужива во малите работи. На пример кога маж и секое утро ќе ја разбудеше со мирис на топло кафе. Ама тоа утро се успа. Него го најде како лежи гушнат со перницата. Сонувал како го гушка синчето кое прерано ги напушти. Така гушнати цврсто заспале во долг сон. Сон од кој само Творецот можеше да ги разбуди. Остана сама со постариот син. Тој и беше се. Го школуваше. Му даваше се. Но тој сакаше повеќе. Беше како усвитено жарче. А усвитено жарче не се држи во рака. Си замина од дома. Со последните пари што мајка му ги собра купи карта за Америка. Летна заедно со уште 173 патници. Никогаш не ги пронајдоа. Неа и пратија телеграма со сочувство и некој чек со многу нули. Толку и остана од него. Во сандакот ги стави сите свои желби и надежи и ги погреба наместо својот син. Веќе немаше причина да постои. Ама срцето едноставно не сакаше да запре. Такво искасапено и полно со лузни, некако мистериозно успеваше да удира. Иако таа за секој негов удар се надеваше дека ќе биде последен. Тогаш реши да заспие и таа како нејзиниот маж и момчињата. Си подготви проштален коктел, и ја наполни чашата. Си рече – да го видам сонцето за последен пат и ќе го испијам коктелот на екс. Тешките завеси кои долго време го попречуваа сонцето да ѕирне во нејзината соба конечно се тргнаа. Таа застана на прозорецот и погледна надвор држејќи ја чашата цврсто. Виде дечко и девојка како се прегрнуваат. Зрачеа со некоја посебна енергија. Се присети на нејзината младост… а спомените за миг оживејаа. Почувствува жежок бакнеж на усните. Толку реален. Чудна топлина и се разлеа по целото тело. Да, туѓата среќа имаше моќ да и ја спушти раката со која го држеше коктелот. Ја стави чашата на страна… Можеби утре… Да, подобро е утре, ене каде е утре. Секој ден се појавуваше на прозорецот и со поглед бараше среќни луѓе. Туѓата среќа почна да ја смета за своја. А кога човек ќе го навикне окото да бара среќа, секогаш ќе ја наоѓа. Тоа се тие таканаречени среќни очи, кои во се го гледаат доброто. Со години го правеше тоа. Немајќи сопствени причини за живот, постоеше заради туѓите. Затоа, кога следен пат ќе ја видиш сега веќе остарената страдалничка како стои на прозорец, сети се дека во раката сеуште држи проштален коктел. Не и ја покажувај својата несреќа и своите фрустрации, дека таа има доволно несреќа и фрустрации за илјада животи. Наместо тоа, насмевни и се и дај и причина да ја спушти чашата и да рече – “ај можеби утре, ене кај е утре”. Те молам, одглуми ако треба. Поздрави ја. Дека не треба многу да се испие една чаша коктел, нели?

 

Посетено 6.591 пати