Мојот град за Божиќ

Мојот град за Божиќ е тивка проститутка
која уморно молчи на крајот од шанкот.
Искинати подвезици, пепел во штокот,
дамки од кармин кој топи империи,
чад од деколтеа кои рушат замоци.
Мојот град за Божиќ е ефтина курва
чии штикли биле таму каде што таа не е.
Раштимани вечери, истопени сакоа,
обесени лептир машни и замаглени очила.
Мојот град за Божиќ е насмеан шанќер
зад кој се изгубени многу војни.
Пиеш џез додека слушаш коњак,
мочаш денови во безвременска шоља.
Мојот град за Божиќ е пијано пиано
чии ноти се лага и страв.
Лицемерни здравици, подмукол спокој,
огномети од очај, прегратки ко самица.
Мојот град за Божиќ е нафталински шешир
кој сведочи за иљада луди глави.
Крвави очи, демоде корсет,
парфем за бездомник, визба на срца.
Мојот град за Божиќ спие, а не сонува.
Можеби е мртов?!

Посетено 1.588 пати