ДАЦ: “Quod licet Iovi, non licet bovi”

Драга (Почитувана) Лилјана,
Повикан сум да одговорам, иако немам намера да полемизирам со Вас, бидејќи не сте ми рамноправен соговорник во врска со театарот и театарската уметност. По синтаксата во Вашиот текст, секој просечно образуван човек може непогрешливо да ја процени Вашата тежина на мислата, а пред се Вашата елементарната писменост. Вашите примитивни констатации од типот „страда од комплекс на недоволно внимание„ , „кутриот„ , „Дац сака да биде во центарoт на вниманието„ итн., нема да ги коментирам; за разлика од Вас, јас во моето јавно обраќање нема да навредувам и употребувам гневни, недолични зборови во јавност (тоа е првата лекција за секој новинар почетник,зарем не?! ). Јавноста е тука да го даде својот конечен суд на оваа тема.
Со Вашиот текст сакате да ме вовлечете во д(г)невната политика, за тоа сте впрочем и платени, додека јас само сакам да го изразам својот став во однос на начинот на номинација, односно изборот кој го „спроведовте„ и тоа е мое право. За разлика од Вас, јас не морам никому, освен на публиката, да му полагам сметки, ниту да се правдам, објаснувам итн. Доколку бевте малку потемелни, и за волја на вистината, ќе наведевте дека имам примено над 10 национални театарски, фестивалски награди; мислите ли дека и покрај тоа навистина ми недостасува Вашата награда, па од таму и мојата „загриженост„ за истата или барање на внимание?! Токму затоа засекогаш се откажав од секоја идна номинација или награда која Вашиот весник ќе ја додели. Или сте лошо информирани, да не кажам инструирани, или фактите не одат во прилог на Вашата теза сочинета на брзина, од кула од карти?!
Јас не можев да знам кој е наградениот, затоа што требаше да го објавите тоа денес (20 март), но Вие тоа го сторивте веднаш по мојата изјава. Зошто? На победникот му честитав од срце во мојата изјава, и му честитам и сега, од како разбрав кој е. Кога некој се номинира за остварувања во минатата година, би требало да се земат во предвид сите главни улоги и претстави во таа година. Треба да биде познат составот на жирито, а членовите на истото да бидат релевантни „судии„ кои ќе одлучат кој треба да биде награден. Сте си дале самите право да судите актери, прогласувате победници и поразени на Вам познат начин, да влијаете на театарската уметност?! Искрен да бидам, се додека бројот на моите пријатели на Фејсбук е „потиражен„ од Вашиот весник и неговата релевантност во јавниот простор, исправноста на мојот потег, а богами и Вашиот – нека го цени јавноста.
Сакам да Ве потсетам дека на петнаесетгодишнината на Вашиот весник и врачувањето на првата награда на ДНЕВНИК на мојот драг колега Деан Лилиќ во Драмски Театар, јас бев тој што учествуваше во отворањето и водењето на целата манифестација.
Но, сега кога не се сложувам да бидам дел од оваа ваша прикаска, со дрва и камења удирате по мојот актерски, човечки и морален интегритет, со новинарско перо својствено за еден ГНЕВНИК.
-И на крајот: КАДЕ ВИДОВТЕ ПОЛИТИКА ВО МОЈАТА ИЗЈАВА? АМАН! И уште еднаш А М А Н !!!

“Quod licet Iovi, non licet bovi” – (Она што му е дозволено на Јупитер, не му е дозволено на волот).

Посетено 4.654 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!