Да не е залудно
Ќе ме сошијат
Со цик-цак бод
Од устата па надолу
За да не можам збор да ти изустам
Затегнато кај грлото
За да не можам да ги голтнам
За накај прстите да не заминат
И пак на хартија да се изблујат
Три котури конец кај душава ќе отидат
Цик-цак
Густо и стегнато
За да собере она што се изресило низ времето
За да се пораби
Ете барем малку да се закрпи
Колку да не биде залудна болката
На папокот копче украсно ќе стават
Да ме личи
Да не сум како стара карта на светот
Испресечена со реки
И кај матката црвен бод
Во форма на насукан брод
Да ја закрпат да не клука
И повторно од неа дрво да не изникне
Цик-цак
Наведнати над она што од мене ќе остане
И потта од нечие чело ќе ми капе на образите
Солена и тешка како мајчина солза
Полека
Тивко
Во тишина
Ќе ме сошијат како кукла од партали
И ништо повеќе надвор нема да излезе
Во молк со стиснати очи
Ќе се преправам дека сум заспана
Цик-цак
Како за во излог оставена
За најаска во туѓи усти
За да наполнам очи кои твои не се
И потем сеедно ќе е
Кога од човек-човек не ќе остане
Закрпени мислите ми се
Удри уште некој бод
Цик-цак
Цик-цак