Биртиска

Боемите од нашата биртија

Kafana

——-Посебно ако најблиската чешма рано наутро ја точи најслатката вода, ако после првата се подредила цела чета шпиртови и те одвела на веселба, ако пушиш цигара затоа што ти иде со алкохол или ако триесет и девет ретко-совесни октоподски пипци те камшикуваат после изјавата дека пиеш уште една и си одиш, тогаш си вистинскиот човек за учество во оваа кафанска рапсодија, која некои секогаш а и некој никогаш не пробал да ја исферментира.
——-Толку е магична таа смеса, во која винските мушички играат валцер со пивското тесто, додека ангелскиот кувар претворен во стар столетен казан го дестилира највонземското ракиено танго.
——-Опирајќи се го следиш тенкиот конец, кој неколкупати силеџиски е врзан за твојата сува слузокожа. Влегуваш во една од неколкуте пажливо избрани биртии и му се заблагодаруваш на искуството, кое и покрај сета наутралност ги беше подредило овие места во твоето орманче на весели недвижности.
——-Неколку минути наназад, во разговор со сеќавањата од не толку дамнешните алкохолни чочеци му сугерираш на сопствениот црн дроб за напитокот кој таа вечер може да се трансформира во мало мочуришно блато.
——-Нарачуваш. Келнерот во кафаната отсекогаш бил великомаченик на нестални муштерии, а тебе безгрешен соученик од најубавите кафански фантазии.
Душмански му се предаваш на првиот допир од таа етерична танчерка која невино ги шири своите ноќни пазуви. Ја цедиш. Секој нареден допир се изедначува со перфекција. Силно ги допираш кочниците на моќното темпо и мудро успеваш да останеш свој. Од толку многу, од толку одамна. Од извадоците на сопствената животна монографија.
——-Времето ти е најдобриот декадентен партнер. Го искористуваш неговиот постојан ритам, злоупотрбувајќи го. Нарачуваш уште неколкупати. Се замотуваш во спиралата на чувства која ги маскира сите дотогашни моменти. Ја впиваш мудроста од изговорените зборови на околните искусни учесници. Се насладуваш.

——-Штафетата ја превзема намалената способност за расудување, поттикната од истрајната желба за поголема неизвесност. Нарачуваш уште еднаш. Сите немири од претходната земска епизода се прегазени од моменталниот перјанички кас. По извесно време нарачуваш пoвторно. Знаеш дека кафанската свест е мудар запис на добри гени и искусен ритам во алкохолното поле. Ретко кога имаш изгледано како шутрак. Не изгледаш ни сега.
——-Џамбаски, ја вадиш скоро удавената свест од големото Балканско блато и спокојно ја сушиш на издржливиот животен конец. Нарачуваш и го започнуваш делот во кој желбата за уште една ја фаќа за гуша заматената совест. Издржуваш машки како несекогаш. Допиваш.
——-Подисправено и задоволно, си поигруваш со месечевиот зрак, уживајќи во личниот алкохолен триумф. Утрото, со вкус на испушени цигари, не е толку горчливо како некогаш. Со мамурлукот одамна не сте толку блиски. Му се плашиш. Си пораснал.

Ј.Ш

Посетено 2.775 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!