Бездомникот

Обично зимско попладне кога сите се враќаат од работа, на хоризонтот во камен студеното време, сонцето зајдуваше. Една исто така обична мајка, доби телефонски повик од ќерка и:

–          Мамче, дај те молам купи некое кифличе или лепче, нешто така ми се пријаде топличко, меко, крцкаво. Да си го намачкам.

–          Важи ќофтенце – рече мајката и побрза до блиската пекара по мразниот пат.

Надвор беше повеќе од минус десет, не се одеше заради огледалниот мраз. Влезе во пекарата што мирисаше на печени буреци, вртени пити,кифли и лепчиња. Мајката купи три симитки – и тие вруќи, леб со леб, ама погледот и го привлече едно лепче со сусам. Чуреше од топлина, мирисаше на дом и среќен живот, мирисаше на зимска приказна. Додека стаса на ред, сите лепчиња беа искупени. Ама ова лепче – не. Седеше на полицата и се смееше и бараше да биде купено од неа.

–          Со симитките, ај, се помислив, ќе го земам и лепчево – ми се гледа многу убаво, а и последно е.

Така со кесата си тргна кон автомобилот, среќна со мисла дека децата многу ќе се израдуваат додека весело си зборуваат и јадат. Таму до автомобилот, паркиран до контејнерите, го виде човекот кој го знаеше од порано, од маалото во кое работеше, од весниците, од сликите. Кутриот бездомник кој го имаше видено како на децата од блиското училиште, многу пати потпрен на оградата, им одговара на прашањата:

–          А зошто живеете вака чичко? Немате ли пари? Зошто ви е скината облеката? А немате ли никој? Немате ли жена и деца? Немате ли дома?

Често пати и таа се вслушуваше, да чуе, а човекот кога ќе забележеше луѓе, а не деца – брзо, брзо се сокриваше во неговиот бункер, во старата напуштена зградичка, блиску до училиштето.

Тој беше сиот измрзнат, црвен во лицето од силниот студ. Главата и телото ги имаше испокриено со се што нашол. Беспомошно претураше по кесите ѓубре, од глад, во обид да најде нешто да касне.

Таа ги погледна кесите, па него. И не и требаше ни миг да мисли.

–          Дали ќе сакате да го земете лебов? го праша и го извади топлиот сусамлија и му го подаде.

Тој се сврте кон неа за прв пат, истиот човек кој ги одбегнуваше луѓето. Очите му беа благородни, во нив немаше ни трошка јад, ни чемер, ниту било каков тап или таговен израз дека му е тешко што живее така. Ја погледна со голема благост и изненадување.

–          А дали имаш ти за тебе? ја праша.

Жената му климна со главата и му се насмеа, зошто неговите зборовите и го стиснаа срцето до болка и солзи. И згрмеа во умот и посака да има многу, многу повеќе од тој топол леб за да му даде. Тоа беа најблагородните зборови на грижа, што ги имаше слушнато, од човек кој ништо нема.

 

Посетено 4.629 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!