Вечерва пијам за утре да те заборавам

Вечерва пијам. Првата полна чаша до врвот со крваво вино е за неговото лице, толку меко на допир и толку слатко на бакнеж. Втората чаша ја наздравувам со пријателките за неговата убавина, толку занесна, па и илјада приказни се малку. Третата веќе се лее полна црвено вино, капка по капка ја пијам за секоја солза исплачена. Четвртата ја истурам во грлото и ми го грее телото и се лутам, се лутам на таа негова гордост, силна, посилна и од камен.

Вечерва не тагувам, вечерва пејам рефрени од нашите песни. Се држам горделиво на нозе со високи штикли и фустан од бајките, онаков каков што ти го сакаш. Вечерва сум секаква, само не онаква каква што ти ме сакаш. Горделива и заводлива, ладна како вискито кое секоја вечер ти го пиеш. Оваа вечер е обратно, јас пијам! Не за да се опијанам туку за да заборавам. На тебе и твоите спомени толку силно врежани. Пијам за да ги заборавам тие зборови кои натежнале над твојот јазик, па ти зовре за да ги изречеш. Пијам да би ја заборавила сопствената упорност и солзи, толку бројни па да ги соберев ќе ги напиев жедните во Африка. Пијам за да заборавам дека повторно не ми доаѓа паметот. Да ги заборавам тие топли летни ноќи поминати во твои прегратки и тие ладни погледи упатени директно во моите очи.

Вечерва пеам стари познати рефрени за да заборавам на таа неопишлива болка која само ти знаеш да ја нанесеш. Го пеам секој стих со последниот глас во мене како гласот кога се караме, со последни сили, а сепак продолжувам напред. Ја кревам високо чашата и наздравувам за тебе по енти пат и не те пцујам ко секоја девојка, туку те спомнувам за да утре те заборавам.

Викторија Стојовска
Посетено 524 пати