Ваквите деца се вистинска инспирација! Влатко има само 13 години и веќе програмира и создава интернет страници!
Надарениот тинејџер Влатко е ученик во ООУ „Мирче Ацев“ во скопската населба Ѓорче Петров. Овој млад веб-дизајнер и девелопер најголем дел од она што го знае го научил сам на интернет
Инспириран од помалото братче и желбата да им помогне на помалите деца, осмоодделенецот Влатко Стојкоски од Скопје креирал веб-страница за основни математички задачи за основци. Вели дека во ова време, додека нашите родители мора да работат од дома, а децата не можат да одат во училиште, сакал да направи нешто што може да им го исполни времето на помалите со корисни активности и истовремено со вежби. На страницата има податоци за коронавирусот. Влатко програмирал податоците автоматски да се ажурираат според најновите податоците од СЗО – Светска здравствена организација. Содржината, пак, е на три јазици – македонски, англиски и албански.
Влатко е ученик во ООУ „Мирче Ацев“ во скопската населба Ѓорче Петров и е млад веб-дизајнер и девелопер. Најголем дел од она што го знае го научил сам на интернет.
– Целосно сам ја направив веб-страницата, а инспирација ми беше мојот помал брат Бојан, кој е прво одделение и многу сака да решава задачи по математика. Сакав да му направам активност за да го исполни времето и да вежба истовремено. Го применив тоа што сум го научил во последните 2-3 години, најмногу од јутјуб-туторијали. Сега ни се достапни многу информации и доволно е само да покажеме поголем интерес за да научиме – вели 13-годишниот Влатко.
Игра, учење и информации
Веб-страницата на Влатко https://stojkoski.com/c19tasks/ содржи основни задачи од математика – собирање, одземање, множење и делење.
– Страницата е многу едноставна и не почувствував потреба претходно да ја дизајнирам, па директно почнав со HTML и CSS. За 1 час ја изработив основната страница, а алгоритамот за автоматско создавање задачи со собирање го завршив за 10-20 минути. Потоа секојдневно додавав нови функционалности и поправав багови. Преводите на англиски сам ги напишав, додека преводите на албански јазик ги направи Google Translate – објаснува Влатко и додава дека секојдневно ја ажурира страницата.
Родителите на Влатко, Елена и Александар, велат дека на почетокот не ја сфатиле многу сериозно неговата идеја и замисла за креирање таква страница, но кога по кратко време Влатко им ја покажал првата верзија, биле позитивно изненадени.
– Сфативме дека оваа страница би им била од помош на децата во овие вонредни услови и го поддржавме да продолжи со понатамошен развој. Интересот за програмирање кај него постои од пред 2-3 години, но последнава година е најголем. Уште од мал покажуваше посебен интерес за математика и природни науки, меѓутоа, интересот за информатика и програмирање искрено најнапред не го сфативме сериозно, бидејќи не ни е позната таа област. Откако имавме можност да разговараме и да го запознаеме Влатко со луѓе кои секојдневно работат со таа проблематика, ни посочија дека има големо разбирање за процесот и логично ги поврзува процесите потребни во програмирањето – вели Елена.
Учев сам, на почеток ми помогна вујко ми, ама само малку
Дизајнирањето и програмирањето ги научил пред неколку години, во текот на летниот распуст меѓу петто и шесто одделение, а му помогнал и вујко му ама, како што вели, само малку.
– За да ги совладам овие вештини, ми требаше цел летен распуст (5/6 одделение). На почетокот сакав само да имам своја страница каде што ќе го пишува моето име, за да можам да им ја покажам на пријателите. Проблемот беше што јас не знаев од каде да почнам, ни кои технологии да ги користам. Во ова малку ми помогна мојот вујко, кој уште од прво одделение ме запозна со основните компјутерски вештини (google chrome, file explorer итн.). Откако на „Јутјуб“ научив да ги користам најосновните јазици и помошни алатки (git, github, visual studio code, terminal), сè друго ми стана полесно и само се надградував со нови програмски јазици. Потоа почувствував потреба да посетувам курс за веќе изучениот материјал со цел да си го потврдам своето знаење, а и да научам нови работи – раскажува Влатко.
Дружба и во вонредна состојба
Во училиште најмногу го интересираат предметите математика и физика, а неретко освојува награди на натпреварите по тие два предмета, но и по информатика и биологија. Надвор од училишните обврски најмногу го интересира web development и моментално учи back-end development со node.js (mongoose, express…).
Пред вонредната состојба редовно одел на часови по пливање, а сега има повеќе време за читање книги на англиски јазик. Шетањето со другарите го замениле со дружење на социјалните мрежи.
– Најдобри другари и другарки ми се Мартин, Филип, Марио, Анастасија, Марија, Калина, Елена, Евгенија, Јана, Лина, Ива, Андреј и Дамјан. Кога немаше вонредна состојба, обично се шетавме во трговските центри или низ центар, а сега комуницираме преку Снепчет, Инстаграм, Месинџер или Вајбер. Дома најчесто го поминувам времето во програмирање, решавам задачи по математика и физика, читам книги и често гледам серии и филмови – ни раскажа Влатко.
Да се обрне внимание на емоционалната интелигенција на надарените деца
Неговите родители велат дека Влатко, од една страна, е обичен тинејџер, но од друга страна, често знае да ги изненади со зрели и сериозни размислувања и за обични и за несекојдневни теми.
– Сака да се дружи, да шета, да чита книги, има смисла за хумор, но од друга страна, многу често знае да биде многу сериозен и знае да нè изненади со своите зрели и сериозни размислувања за себе, околината и за многу различни и несекојдневни теми – велат родителите на Влатко.
Тие се сложуваат дека во училиштата треба да има посебна програма за надарените деца, а притоа особено внимание да се обрне и на нивната емоционална интелигенција.
– Треба да се овозможи во училиштата посебна програма бидејќи многу често предвидената програма не ги задоволува интересите на овие деца. Особено треба да се обрне внимание на емоционалната интелегенција кај талентираните деца, која токму на овие деца им е многу потребна за да успеат да изградат вештини како да се справат, односно да најдат рамнотежа помеѓу своите емоции и своите размислувања, кои често се различни од тие на нивните врсници. Влатко имаше можност да учествува во програма за емоционална интелегенција која многу му помогна да ги совлада овие вештини – вели Александар.
*Текстот во целост е преземен од deca.mk