Сте се запрашале ли кога последен пат сте се бакнувале безгрижно? – Весна Бејби Петрушевска

Не сте сами на овој свет, барем така јас си мантрам постојано. Не сум сама, не сум сама. Сигурно има некој пријател кому одамна не сум се јавила. Да прашам како е што прави, дали е среќен, среќна, оти заборавивме сите ама баш сите колку е важно да се грижиме за другите. Постојаната трка за опстанок, стресовите кои ни се вообичаен вкус на денот, заморот кој не турка в кревет, медиумите оптеретени со дневна политика. Сето ова влијае на нашиот квалитет на живот.

Сте се запрашале ли кога последен пат сте се бакнувале безгрижно? Кога последен пат сте го напуштиле вашиот дом онака, без причина? Вашето очекување само да добивате, а ништо да возвратите. Станавме себични, потклекнуваме на манипулации, стравот е оној кој ни е водилка во животот.

Потсетете се на детските прошетки, онаа безгрижност, мирисот на зима… Последниве години за волја на вистината не дишеме, забрането ни е и тоа. На крајот од секоја година зборуваме што се можевме да направиме, ама ете никогаш време за себе. За себе последниве години си велам, нема нешто што не ми се случило… Нема, нема, некој малер ќе ме посети како верен другар. Му велам на татко ми: Тато сега еден велосипед кога ќе си земам… Тој сериозен ми вели: Каков малер си, ќе те удри некој.

Секогаш ама баш секогаш се обидувам да го разбудам детето во мене и да не ја убијам духовитоста во себе. Таа ми е загарантирана! Повторно, по не знам кој пат ми минува онаа стара добра македонска: Има и полошо.
Тоа е нешто слично како и со вечната македонска причина за сите болести, промајата. Јас мислам дека нам и во умот ни поминува промаја од време на време. Кога работите кои изгледаат страшно ние ги доживуваме како извонредно природни.

Замислете си кога вашите деца не би ги знаеле имињата на политичарите, замислете како на насловна страна на некој весник (не постојат, знам) се појавуваат ликови кои се иноватори, уметници, архитекти, писатели… само замислете.

Среќни празници❤️🙏🙏

Весна Бејби Петрушевска

Посетено 2.356 пати