Само да не бидам како мајка ми и таа генерација – она, работа, дома, готвење, деца, маж, облека

„Само да не бидам како мајка ми и таа генерација – она, работа, дома, готвење, деца, маж, облека. Се фатив себеси во таков ритам, па се избедачив и веднаш запишав јога, два пати неделно. Си велам себеси, ајде, мораш нешто, ќе полудиш инаку.“

Случајно сведочам на еден разговор помеѓу две млади жени, во супермаркетот, додека чекам да ми измерат триста грама шунка. Ги гледам. Убави се, лежерно и модерно облечени, витки и негувани. Оваа што зборува дека не сака да биде како мајка ѝ, напната, како да е вклучена во струја, мимиката која ги следи изговорените зборови е пренагласена и вознемирувачка за набљудувачите. Гледам, силно чувствувам – малку ѝ е два часа јога неделно. Никако не ѝ е доволно.

Не сме рамноправни, мајките и ние. Споредувањето е неизводливо. Мама немала интернет и компјутер, за почеток. Ако работела, работата ја оставала кога би излегла од работата од зградата во која била вработена. Лаптопот не бил измислен, така што не ја носела работата дома, ниту после со тој лаптоп шетала од соба во соба и во кујната, го влечела каде и да се движи низ станот. Мобилниот телефон, проклетијата, не го имала ни го држела 24 часа в рака како ти и јас сега. Мобилниот телефон, проклетијата, во исто време и компјутерот, и телефонот, и гпс, и поштата преку која плаќаш сметки, и продавницата преку која нарачуваш чевли, чанти и подароци за секоја прилика, мобилниот, проклетијата, преку кој во секој момент го проверуваш Фејсбукот и Инстаграмот, мобилниот проклетијата, кој ти титка на секоја добиена порака, мејл и Вајбер. Мобилниот, проклетијата, преку кој скајпуваш со другарката која моментално во Азија, те слуша и гледа, само што не те гушка и љуби, но ќе го измислат и тоа, ќе биде за нашите деца да се тешат како не се како нас. Мобилниот, проклетијата, уште може и телевизорот со милион канали да биде и кино затоа што има Нетфликс и џубокс затоа што има Јутуб.

Како мислиш дека два часа јога ќе ти помогнат, ми дојде да ја прашам. Еве во супермаркетот веднаш да се спуштиме сите три на подот, да дишеме и јога да правиме, не би зажалила, не би ми било срам, сè сестро, само да помогне.

Како мајка ми да бидам, тоа ми е сонот од соништата. Еј, да месам колачи, да пијам кафе дома или кај комшивките, да се знае дека децата ми се во соба, а во собата само книги и играчки, па нека земат децата што сакаат од тоа богатство, што ми е гајле, сè додека го нема интернетот и сите оние електронски направи кои тригодишното дете хакерски знае да ги користи во однос на мене и моето скромно знаење. Сестро, брате, како ти, јас и оваа твоја познаничка на која ѝ се жалиш ќе преживееме ова сеопшто лудило во кое сме се затекнале и распукавме како тикви и прснавме како обланди, без надеж за спас и исцелување. Јога, пилатес, брзо одење, румба, самба, сè пробај, но како мама нема да бидеш, сто проценти. Подобро или полошо, ти процени.

Јас како мојата Бела, „не разбрав баш најдобро“, ќе се насмеам, ќе се наоружам со добра волја, па сè полека, и ништо не ме мрзи, и Миленце ќе ги плати сметките и ќе оди во набавка и ќе ми биде десна рака, а јас тоа ќе го зготвам и за час ќе завршам, па после ќе читам и одмарам, па ќе поразговарам со децата, па ќе одам до кај комшивката или до Центар затоа што сум заборавила на Миленце да му кажам да купи црвен пипер и прашок за пециво. И навечер задолжително ќе пополнувам крстозбор, оној што еднаш неделно излегува дупло, од двете страни на весникот. Па ќе ти кажам следниот пат, ако ни се вкрстат патиштата, дали работи таа тактика. А ти мене ќе ми раскажеш како тебе ти напредува јогата, дали помага. Се надевам дека ќе работи. Важно е да се обидуваме, иако „времињата се променија“. Нема да дигнеме раце и да се откажеме, тоа сигурно. Ќе преживееме. Ќе успееме. Само мобилниот, проклетијата, малку да го затуриме, понекогаш, и да се правиме дека не знаеме каде е. Тоа сигурно ќе ни помогне.

Мила Тансијевиќ Михајловиќ, од книгата „Не разбрав баш најдобро“

Посетено 1.233 пати