Ни книгите више не мирисаат како порано
Седам на балкон и читам книга
Уствари не ја читам, само ја мирисам
Денес ретко се наоѓа книга што мириса убаво,
не знам што прават во штампарииве,
го вадат убавиот мирис и го чуваат за себе???
Нема врска, доаѓа Матеј
а он е едно чудно створење.
Од бебе до старец порасна за 24 дена
„што правиш?“- ме прашува
„уживам во книгава“
„блазе си ти, јас никогаш не научив да читам, немав време“
„ма ни ја не ги знам сите букви, само ја мирисам“
-го тешам
„него уште малку ми останува од животов па сакам
да ти споделам некои животни мудрости,
да не ти се случуваат лоши работи како на мене“
„еј ај не ми филозофирај, гледаш дека сум зафатен“
„ама само неколку работи“
„не може“
„а бе 5 минути“
„не може, не ми досаѓај“
„ама само 2-3 реченици“
„леле стварно си оток“
„ама само….“
Не издржав, го акнав со книгата и го убив на место
Мислам дека сега уште поубаво мириса,
класичен мирис на штампана хартија помешана со крв
И не ми е многу жал за Матеј, и онака ќе умреше за некој ден
А, заборавив да ви кажам дека Матеј не беше човек,
туку обичен мајски бумбар, жолт со црни штрафти
(или обратно) и антени на главата
И јас глуп, што уопште се дружам со инсекти?