Заради себе и блиските, за да не ме мачи каење за не дај боже, ќе продолжам и маска да носам и да се штитам и себе и другите колку можам како и досега.

Луѓе мои, оваа опака болест се залетала, нема намера да сопре. Се поголем и поголем број болни, се поголем и поголем број починати. Срце ми се кине секој ден кога ќе ја кажат фаталната бројка. И постари и помлади. Нечии браќа, сестри, родители, душички 🙁 Веќе не се знае ни кој од кого и како се заразил. Имав надеж едно време дека ќе стивне, затишјето во текот на летото ме прелажа, ама веќе немам. Ни сила веќе немам да се потресувам, ни воља веќе немам сите околу мене кои не внимаваат да ги опоменувам, ни страв веќе немам дека ќе заболам, ни живци веќе немам да се нервирам што на една корона ќе ѝ поклониме најмалку 2 години од животот. Потиштена сум. Се предавам.

Заради себе и блиските, за да не ме мачи каење за не дај боже, ќе продолжам и маска да носам и да се штитам и себе и другите колку можам како и досега. Ама душава веќе не може. Нека биде што ќе биде. Ионака ќе биде кому иде. Ионака како што тргнала болеста, сите порано или покасно ќе не стигне, нема да не одмине. На сечија врата тропа. И не мисли да сопре. А јас веќе не можам да продолжам во трепет и страв нејзиното доаѓање да го исчекувам. Нека дојде, ако веќе решила. А ако тоа се случи, ќе се молам само со лесно да помине. Кај мене, кај сите мои блиски и сакани, кај сите вас. Друго не ми преостанува. Не се живее луѓе мои во страв со месеци, уште малку па година, а велат ќе се сторат и две. Од памет ќе се мрднеме. И стравувањето е болест која може да остави уште пострашни последици. Не се живее во постојан страв, стрес и фобија. Ми се смачи веќе на болест што ме демне да ѝ се тресам и да ѝ слугувам. Наместо тоа, ќе ѝ дадам одмор на душава и само ќе си речам – што сака нека биде, ако така требало да биде, нека биде! Како за сите, така и за мене! Заедно сме во ова и сочувствувам со секој еден од вас, со секој еден кој има близок болен, кој моментално се бори со болеста, кој загубил близок заради болеста. Се расплакав денес за сите 14 душички кои си заминале во само 24 часа, иако ниту еден лично не го познавам. Затоа што жалам што ова ни се случува. Но ако жалта ја споделуваме и не ја носиме сами на грбот како товар, ќе се намалува и помалку ќе тежи. Повеќе разбирање ќе ве молам, помалку обвинување и ситење на туѓата мака. Доста со она – така му треба. Никому ова не му треба. Никој не знае кога ќе слушне тропање на сопствената врата. Плус помина она време кога од пазењето зависеше се, точно се знаеше кој не пазел, па ни беше полесно да вперуваме со прст. Дојде времето кога веќе никој не може да се допази 🙁

Чувајте се, маски, дистанца, се што треба, внимавајте, ама и не заборавајте да продолжите да живеете. Две години за човечкиот век се како два века. 🙁 Нека не ни ги земе! 🙁

Посетено 2.381 пати