Молчиш. Молчи. Нема волја ни да те погледне. Нема волја ни да ти каже дека си беден. Не може ни да се расплаче. И помина.

Молчиш. Молчи. Нема волја ни да те погледне. Нема волја ни да ти каже дека си беден. Не може ни да се расплаче. И помина. Не можеш да ја повредиш. Дојден е тој ѕид. Ти дојде до последната граница. Таа е ладна. Не ја болат веќе твоите навреди, не ја интересираат твоите идеи. Не допира до неа ни твојата гордост и обидот за манипулација. Ништо. Како да го има отсечено тој лабилен дел од себе и кажа доста! А ја болеше!

Да. Признава. Беше толку моќен што дури трепереше од помислата што ќе и кажеш. Како ќе реагираш… ќе биде ли доволно добра… за тебе? Се да е како порано.

Како порано… колку глупо звучи ова. А сакаше што се различни. Таа ги обожаваше различностите. Ги сакаше долгите расправии. Те сакаше тебе. Премногу. А себе? Не премалку… туку не беше ни под опција – разно.

Ја повреди. Те повреди. Пак ја повреди… пак те повреди. И престана да се обидува да допре до тебе. И тоа те повреди. Па пак ја повреди. Па за се ја обвини и се обидуваше да ја повредиш пак, пак и пак. Се до оваа точка. Не ја интересираш. Не повеќе!

Не дека не те сака. Само не ја интересираш. Толку многу пати имаш изговорено некои работи, што сега веќе се и ОК во нејзината глава. Се навикна на твоите лаги. Навикна на зборовите: “Не те сакам и не ми е гајле!” Како добро утро и е.

Навиката е гадна работа. Кога уверуваш некој толку долго дека не ти е гајле, немаш право да се буниш кога ќе ти поверува и кога ќе престане да рачуна на тебе. Кога ќе престане да те сфаќа како нешто трајно и озбилно и веќе си му “некој кој многу зборува”. Тоа си и ти сега.

Што и да кажеш сеедно и е. И се е ок. Ако тоа те радува – добро е. Уживај. Може да седне покрај тебе баш како и сега, во потполна тишина и да не чувствува ништо додека посматра како на лицето ти се мењаат нијанси на бес, збунетост, досада и каење. А таа може и да си замине. И на друго место да седи во тишина. Не би се разликувало многу, само ти би добивал нервни сломови, баш како што она ги имаше некогаш поради тебе.

Сега и е смешно. Секоја нејзина солза и е смешна. Смешни и се и твоите реакции, секогаш исти. Секогаш истите напади, секогаш истите празни флоскули и нејзините “големи пропусти и маани”. И дојде да те праша – Имаш ли нова фора? Овие се веќе излитени… ама си помисли, што фајде?

Да те разгневи? Нема потреба. Да те навреди – не и е интересно. Да те предизвика на нова кавга? И се здосади. Те сака ама и здосади. Толку си патетично проѕирен со твоите испади што радо би ти купила цуцла и би ти ставила лигавче под врат. Ја асоцираш на бебенце. Ти, толку големиот важен “озбилен и зрел маж”.

И ако го прочиташ ова и се пронајдеш, и тоа и е гајле. Точно знае како ќе реагираш. Може да ги предвиди секој твој збор и секој израз на лицето. И количината на бесот и се помалите причини за него. Зошто мразиш да ја чуеш вистината. Толку те плаши што почна и да бегаш. И мразиш што другите ја сакаат таква каква што е, и што сега таа се сака самата. Што се прифаќа. Што се менува. Не онака како што сакаше ти, туку како што е природно и правилно. И мразиш во кој правец оди сево ова.

Го мразиш фактот што знае да живее без тебе а сеуште да те сака. И тоа те плаши, а гарант не се ни потруди да изброиш колку пати, во овој текст ти напиша дека те сака.

Веројатно тоа е нормално. Луѓето го гледаат она што сакаат да го видат. Слушаат што сакаат да чујат… живеат во своите мали, приватни оази на глупоста и заблудата. И тука им е добро. И тебе ти е добро. А сепак си, сега сфаќа, толку силно несреќен и незадоволен сам со себе. И не ти е виновна ни работата, ни луѓето, ни времето, ни околностите, а не ти е виновна ни она со своите “маани”.

Виновен си ти. Едноставно одбиваш да си среќен… тебе среќата ти е досадна. А она… не знае уште колку ќе се задржи. Нејзе среќата и е неопходна, како воздухот.

Чудно, некогаш истото го збореше и за тебе…

Ivana Ivanchy

Посетено 13.689 пати