Мери Јордановска: Мислам дека мал дел од јавноста ја сфаќа улогата на новинарите во сиот овој процес

Мислам дека мал дел од јавноста ја сфаќа улогата на новинарите во сиот овој процес. Гледам дека коментарите се сведуваат на тоа кој какво прашање поставил, кој како бил облечен, кој утнал буква во насловот или ненамерно згрешил.

Еве малку од другата страна за тоа како живееме ние периодов.

Редакциите немаат многу вработени, новинарите се веќе вид во изумирање. Работиме најмалку по 10 часа дневно, како сунгери собираме лоши вести, апсорбираме се живо… Луѓето ни се јавуваат нон стоп, бараат помош кога не можат да го добијат од институциите, некогаш се губиш и забораваш дали пишуваш текст или само се обидуваш да помогнеш некому. А такви се многу, верувајте, многу повеќе од она што го читате во медиумите.

На памет ги знаеме, број на заболени во светот, тука, насекаде. Сонуваме болници навечер затоа што само за тоа пишуваме. Истовремено мора да внимаваме да не шириме паника, а сепак да ја кажеме вистината.

Новинарите немаат појма кога и дали ќе земат плата воопшто. Дел од нив веќе останаа без работа. Дел од нив беа на терен за време на пандемијата и покрај тоа што 2 месеци немаа плата.

Мојот сопруг речиси секој ден е во Куманово. Се соживеа со сечија судбина таму, со секое семејство каде што има заболени и починати лица. Тоа влијае на психата, не може да си истиот кога ќе се вратиш дома вечерта. Не може да си истиот кога секој ден си на телефон со семејствата на заболените и на починатите.

И да, тоа ни е работа. Тоа сме го избрале и поголем дел од нас работата ја работат со цела душа. Има исклучоци, факт. Но, и против нив се бориме – и против лажните вести и против неетичките и нарачани текстови.

Ова го пишувам со респект кон секоја професија и со целосна почит кон секој што е директно инволвиран во борбата против „невидливиот непријател“. Не бараме медалја, ама мислам дека професијата видно е потценета во вакви ситуации.

Затоа, оддавам респект за сите мои колеги кои се држат на ниво на задачата и оние кои во целост се придржуваат до протоколите! И мислам дека засега добро се држиме.

Фејсбук статус на Мери Јордановска

Посетено 254 пати