Ме опчини…

Ме опчини…
Дента јас бев само една човечка фигура меѓу толпата народ.
Седев на масата од оревово дрво,
а погледот ги следеше далечините…
Тие што се цртаа во мојот поглед…
Навикната да бидам своја,
и дента не се разликував во ништо,
маичката и летните кратки панталони беа мојот секојдневен код на облекување..
Седев и си размислував…
Знаеш, во потсвеста често ми се редат сликите на животот,
на некои места ќе подзапрам сеќавајќи се на насмевките кои ми го топлат срцето…
Седев, можеби и ликот ме издаваше…
Несекојдневен,
додека другите зјапаа во телефоните,
можеби јас цртав со погледот..

Не знам во кој миг се појави ти…
Седна наспроти,
и веднаш беше послужен,
дента имаше многу гости во локалот,
но ете умешноста на келнерот ги фрли во сенка недоразбирањата меѓу персоналот..
Го зароби мојот поглед,
кој до тогаш пишуваше.
Сега јас се чудев…
Од толку гости,
зошто ти?..
Зошто?..

Зарем не беше ист како другите?..
Зарем не беше се’ она што живее денес…
Површност, меланхолија, врски без врска, љубов без љубов…
Не знаев што се случува, но сепак погледот го следеше мислата…
Да дознам кој си, и зошто е така дента..
Не прашав никој,
не слушав никого…
И знаев..
Дека под твојот спуштен поглед во филџанот кафе,
се крие планина…
Планина од чувства кои ги имаше во себе,
љубов која ја носиш како амајлија,
толку едноставен, а толку богат…
Знаев дека во речникот на секојдневието,
ги носиш најубавите зборови како букет од разнобојни цветови,
ја чувствував прегратката како ги дроби сомнежите во душата
и нежниот бакнеж на усните во кои беше врежана светоста на библијата…
Знаев…

Оливера Ширговска

Посетено 339 пати