Манифест на неколку дена пред Неферендумот – Љубомир Чојлиски

Once in a lifetime opportunity

Нема да зборувам со факти, бројки и имиња – доволно е кажано, постирано, коментирано, исмеано и оплакано на широкото поле интернетско. Наближува моментот кога секој ќе мора да се соочи со самиот себе па ќе почнам со едно реторичко прашање:

Колку пати во животот ќе бидеш во ситуација барем малку да попречиш на најголемата воена машинерија на планетава а притоа да не се доведеш во никаква опасност?
Изборот не може да биде полесен – соочен си со белосветски масовни убијци, изнудувачи и уценувачи, империјалистичка армада заштитник на банките и крупниот капитал, уништувачи на цели земји кои зад себе оставаат траги од крв, солзи и загадување, главосеци и трговци со човечки органи, разни измамници, локални бизнисмени и нивните пропагаторски слуги кои со децении те експлоатираат, во твое име одлучуваат, медиумски сеат ветер и магла наметнувајќи ти избори што одговараат на нивните интереси. Потпалуваа национализам на сите страни додека не ја раскостија заедничката татковина за сега да дојде редот и на оваа што остана со „бонус“ во вид на одземено елементарно право за избор на своја приказна и самоидентификација. Како што манипулираат на овој така изманипулираа и за првиот нефер_end_ум ветувајќи поголема самостојност а се доби апсолутна зависност, уништени капацитети, стечајци, пљачкосани ресурси, украдена иднина и киднапирана младина.

Игра морковот и стапот, ветуваат мед и млеко, заплашуваат со војни и омраза, некои дури и признаваат дека сиот овој циркус не е фер но ете немало алтернатива бидејќи „ветената земја“ на запад е вечна, чунки сонцето на слободата на запад изгрева па живот ќе дошол за идните генерации… Има и такви кои едноставно ти велат You will be assimilated, resistance is futile – па еве и да е така пружи отпор, веќе доколку нели е сеедно тогаш Do not go gentle into that good night па барем нека остане приказната. На крајот од краиштата само приказните и остануваат, а и тие ти ги оспоруваат. Сешто ќе чуеш само не морални аргументи. Бидејќи ги нема. Има само поигрување со чувствата на страв и надеж за поудобен живот. Се очекува да реагираш како полакомен страшливец а не како достоинствен човек со осет за правичност. Сам одлучуваш дали смислата на твоето постоење е што подолго полнење на сопствената вреќа со зимница за црвите или нешто повозвишено за што имаш алатки во вид на разум, волја и совест. Па што сака нека биде!

Соочени сме со чистилиште, со општествена катарза која ги анулира сите досегашни поделби, сега паѓаат сите маски и нема простор за маневрирање и изговори. Животот можеби е сив ама и сивото максимално зумирано на крај се состои од црни и бели точки. Наскоро неоколонијалните окупатори ќе пребројуваат уплашена себична живина без емпатија чии сетила не дофрлаат подалеку од решетките на кафезот, остатокот ќе бидат луѓе со основно чувство на правичност и достоинство.

Секако дека е невозможно да се живее идеално и безгрешно „на висини задатка“, има(ло) и такви – ги викаат светци. Ние обичните смртници често ќе си премолчуваме и веднеме глава но здраво е од време на време, особено во вакви исклучителни прилики и да ја исправиш, чисто да видиш колку вишнееш по вертикала и до каде досегаш по хоризонтала. Во најголем дел животот се состои од истоштувачки секојдневни репетитивни баналности и компромиси во борба за материјален опстанок како база за да може да дојдеме и до троа духовна, емотивна, естетска сатисфакција и интелектуален стимул како надградба. Но ете некогаш се случуваат искушенија кога барем за кратко можеме да го извадиме најдоброто од себе за да си знаеме колку ни е човечкиот капацитет и до каде дофрламе или што би рекол генералниот секретар на Алијансата крвави китоловци од Северниот Атлантик за поранешната југ_ословенска а сега Северна и неверна: Once in a lifetime opportunity.

Никогаш не било полесно да се пружи отпор на толкаво зло, за разлика од твоите предци кои гинеле исправени пред неправдите сега е доволно само да не гласаш. Полесно е и од пенал, топката е веќе во мрежата, само треба да остане таму од 7 до 19 часот на нефер_end_ум во не_дела 30-ти септември.

Среда, 26 септември 2018 година. 9:11
Скопје, Република Македонија, Балкан, Европа, Третиот камен од Сонцето тркалајќи се некаде по Млечниот Пат…

Се гледаме од другата страна на огледалото.
Љубо(в)мир

ФБ статус на Љубомир Чојлиски
Посетено 224 пати