И јас мислев дека сум депресивна сé дур не сфатив како навистина изгледа таа

Денеска требаше да имам слободен ден. Па, некако од една страна се израдував бидејќи од утре ме чека нова авантура. Сакав психички и физчки да се припремам за неа.

Сé беше супер до моментот кога ја прочитав веста за трагичното заминување на нашата Туфи, односно Билјана Беличанец Алексиќ. Па, напишав статус за депресијата. И после неколку коментари, сфатив дека немам што да чекам… решив да си ја отворам душата на тастатурава. Да ги истурам солзите, да ги оптегнам прстиве колку што ми се долги и широки, да ги „заболам“ очите од екранската светлина и да полетам. Каде? Не знам… А, кој знае?!

Можеби статусот алудираше на тоа дека јас се соочувала или се соочувам со таа проклета болест наречена депресија. Но, не. Иако мислев дека сум, сé додека не сфатив како навистина изгледа таа и не изгубив некого поради неа. Мојата братучетка Ивана. Иако многумина од моите ФБ пријатели сигурно прочитале… Ма, повеќе од сигурна сум дека барем еднаш не искоментирале: „Еве ја, оваа патетичната“… Или „Е, баш ме заболе“.

Ги разбирам… и јас во одредени моменти го помислувам тоа. Но, не за нечија смрт или болест, туку ме заболе за вашите пијачки, вашите сепариња, вашите појадоци и вашите „депресивни муабети“. Немојте, ради тие „ќе се убијам“, „ова вака веќе не иде“, „депре сум“… Луѓето кои вистински се соочуваат со неа, не се сфатени сериозно.

Братучетка ми страдаше со години… можеби целиот живот. Пиеше лекови, се бореше со внатрешните демони и на крај одлучила дека едноставно this is the end. Толку е – доста е. Бев лута на неа, бев лута и на себеси. Знаете зошто? Затоа што сите бевме свесни за нејзината состојба, но бевме немоќни да ѝ помогнеме… иако се трудевме т.е. мислевме дека правиме нешто… но, сигурно предоцна.

Таа имаше само 34 години. Сакаше да има деца, семејство. Сакаше некого, отиде дури во друга земја за да се запознае со него. Имаше живот, имаше страст. Имаше љубов, имаше музикалност. Свиреше на клавир, а најголема пасија ѝ беа оргулите. Љубовта кон музиката ја одведе на разни места низ Европа, некако на еден свој посебен начин таа успеваше да ги поврзе.

Но, таа не беше ќерка на познат музичар кој лесно би ја турнал во музичките води. Не беше ќерка на богаташи кои би ја внеле во повисоките кругови. Таа беше ќерка на скромни луѓе со просечни примања. Од „туркање“ ја имаше само својата насмевка и својот жар за живот. Имаше ангелска душа и најслатко кикотење. Се смееше и му се радуваше на животот, додека тој ја гореше со својата груба реалност.

За многумина беше чудак, чудак кој неконтролирано знаеше да се смее. Сама. Во темница. Дали тоа беше чудно и ненормално? – ДА! Дали тоа значеше дека е луда и е „отидена со паметот? – Апсолутно НЕ! Дали тоа значеше дека се дрогира и алкохолизира? – Никако! Ивана беше строго против дрогата, а од алкохол – сакаше само пиво и вино. Иако беше многу лош поднесувач на алкохол. На желудникот неверојатно му шкодеше, ако ме разбирате. Единствен порок ѝ беа цигарите…

Кога ја запознав имав само 15 години. Слушнав некои муабети дека била „чудна“… но, мене тоа ми ја зголеми потребата и желбата да се запознаам со неа.

Дента кога прв пат отидов во Белград со татко ми, таа целиот ден спиеше. Спиев и јас. Кога се разбудив, прво прашав за неа: „Где је Ивана?“ „Ено је, у соби. Тек се пробудила.“

Влегов. Тоа беше симпатична соба со многу мрачнина во себе. Премногу црнина. Но, сé уште вистински предизвик за мене. Јас тогаш фурав некој рок-панк фазон. Тек завршив прва година средно. Лудило.

Се запознавме. Таа слушаше некој дарк или блек метал. Знам дека е еден од оние два типа. Кој точно, никогаш не успеав да сфатам. А, на крајот од денот… Важно ли е? Воопшто.

Мислам дека вечерта заминавме да се шетаме. Пиевме Лав пиво. Нашето омилено. Шетавме со часови. Се смеевме и се глупиравме. Вечерта се вративме околу 02:00 или 03:00 наутро. Прв пат во животот останав до толку доцна. Ја засакав истиот момент. Тој момент никогаш не се промени. Следниот ден ме однесе во ресторан. Иако парите како и на сите нас, ѝ беа голем проблем, таа скоро секогаш ме частеше. А, јас наоѓав поинаков начин да ѝ се оддолжам. Беше прескромна.

Кога дојде време да се плати, сфати дека го заборавила новчаникот. Веднаш го викна келнерот да му објасни. „Остани ту, немој ичи никуда. Јел ме разумеш? Одмах се врачам“. Како војник ја примив наредбата, додека таа трчаше до дома избезумена. Не сакаше да помислат дека сакаме да ги измамиме. Не ме ни праша дали јас имам пари да платам, па да ми врати. Се врати по 20-тина минути. Воздивна. Беше среќна што веќе никому ништо не должи.

И во право беше. Никому не должеше. Ние нејзе ѝ должевме. Што не научи на човечност, на добрина, на чесност, на радост, на љубов.

Ивана беше пресреќна секој пат кога ѝ велев дека ќе дојдам. И тоа ме боли најмногу. Два пати ѝ ветив дека ќе дојдам и два пати не успеав. Се обвинував себеси долги години. Ја сонував… па, од кога се простив од неа… ја сонив уште неколу пати… Често пати мислам на неа и се надевам дека ќе ми се појави. Само да ја видам… да ја чујам… Да си ги освежам сеќавањата од неа.

Последното Лав пиво никогаш нема да го заборавам. Последната прегратка и неуспешното простување од неа.

Ивана беше секогаш на моја страна. Ме чуваше и бранеше како родена сестра. Поминала многу во животот. Навистина би сакала да споделам толку работи, но не смеам. Од етичност и морал кон неа. Која сум јас да ги раскажувам нејзините тажни денови? Која сум јас да ги раскажам сите работи кои ми ги раскажа, поцрни од сценаријата на Хичкок? Која сум јас да го уривам нејзиниот спомен?!

А, знаете што? Таа никогаш не побара помош. Депресивните луѓе се многу посилни од што ние ги мислиме. Тие мислат дека можат сами да се изборат со своите демони, дека можат сами да поминат низ пеколот, дека можат самите да ја победат тагата и да излезат од рингот како победници.

Пак ќе повторам. И јас мислев дека сум депресивна сé дур не сфатив како навистина изгледа таа. Ако сте свесни за некого дека пати од депресија, обидете се да разговарате со него. Не бидете како ЈАС и многу како МЕНЕ, кои како да не сакаа да си признаат дека нивниот близок се соочува со нешто несакано.

Јас се обидував да ја развеселам, да внесам живост во неа. Таа и без мене, уживаше да фотографира (сликите се нејзини, освен првата) и да чита книги. Мислам, правеше сé што и секој млад човек. Нејзиното смеење беше нејзин начин за изборување со демоните и реалноста.

Таа се измори. Но, не дозволувајте вие или оние кои ги познавате да се изморат. Не ја правете истата грешка. Обидете се да ги убедите да посетат психолог или психијатар. Обидете се да им објасните дека ништо не е срамота и дека секогаш ќе има некој што ги сака. Можеби тоа сте вие, нивните деца, родители, браќа и сестри или пак блиски пријатели и роднини.

Срамота е да се подигруваш со терминот „депресија“, „анксиозност“, „паника и панични напади“. Срамота е да помислиш дека некој претерува, дека некој е патетичен и дека е кукавица. Срамота е да го оставиш некого да гние.

Извинете за долгата колумна. Можеби не дознавте којзнае што. Но, мојата душа и онака е раскрварена.

Чувајте се и чувајте ги најблиските. Деперсијата не бира пол, раса или доба. Напаѓа anytime, anywhere.

Марија Прличкова

©majkatiitatkoti.com  Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Посетено 15.311 пати