Го сакам Скопје и кога смрди


Духот на Кермес тивко му шепоти на Дебар Маало да издржи!

Идадија е поделена на две

Од кај Чамо мириса на растурена сарма или директорски став, никогаш не научив да ги разликувам тие два мириса

Го сакам Скопје и кога смрди

Перо неможе да се допоздрави со пијаните нафирцани гости, со широка насмевка на ликот се преправа дека ги познава сите

Ага уште еднаш го умре Гела и истури голтка ракија на врелиот дебармаалски асфалт
Сите на масата се голтнаа

Утредента Гела го умре Ага…

До фонтана карши матично се слуша пијаната серенада од кај Жабарот

Низ Дебар маало малкуте скопјани со старите влечки ја газат новата калдрма и се’ нешто им смета и тивко си се жалат

Во Џубокс чистачките ги полеваат неколкуте неуспешни дрвца во испрашените саксии

Две гугутки и десетици врапчиња се ладат во едно матно вирче крај малиот кружен тек

Мирисите од прженици и скара војуваат меѓусебе за своето место во етерот, сепак смрдеата од издувни гасови од стотиците автомобили и овој ден ја доби битката.

Го сакам Скопје и кога смрди

Од старото атеље на Јордан Грабул изр’ти зграда наместо музеј

А јас и понатаму верно го сакам Скопје!

Низ жолтеникавиот филтер, преку чашката ракија барам Скопјанец помеѓу “Скопјаниве”

Таму некаде во еден ќош седнати ја и Чорбе се расправеме кој е поголем скопјанец, дал он зошто дедо му дошол пред татко ми во Скопје или јас, без никаква посебна причина

И еден тон луѓе ќе се изредат на нашата маса и дур трепнеш чукнал полноќ, дошло време за симит во Чаир, ама ај уште по едно пиво на плочник или во парк, ѕвони им на Љубо на Јован и на Нино да видиме кај се?

Чекај, чекај, ене ги Коза и Бамби ај по едно црнче со нив во Лајка па ќе тераме накај Џетро, не му ѕвони на Јован кој ќе го слуша

Сите потајно се надеваат дека оваа вечер нема да го спомнам ДаВинчи

Ах таа моја сакана дупка среде две згради стуткана во моите спомени широко распослана

Го сакам Скопје и на широко и на тесно

Еве ја пак бабата со цвекињата, овој пат со корпа свенати ружи а јас пак ги купив сите и ги поклонив на се што мрда наоколу, без разлика дали станува збор за машко или женско

Љубоморни дечковци и тивки швалери гласно ми се бечат а мене баш ме заболе

А нема врска, го сакам Скопје и кога боли

Додека ја минуваме Партизанска крај нас минува полу празна 22ка, внатре изморени ликови од животот би дале се’ нивните проблеми да ги сменат со нашите, ама ние не ги даваме убедени дека не им требаат “маки од таков размер, како нашите”

Еве го и Бажо дојде, му завршила пробата и Мартин и Боцо се него, Бажо пак нарамил преполна торба љубовни проблеми а таа шо му “праи проблеми” ја сакам ко сестра а пак треба да заземам страна

Ах тие детски љубавни проблеми, вечерва не се женам пак,
Вечерва го сакам само Скопје и ништо друго

Подоцна јас и Бажо пак ќе играме шах крај прозорецот а надвор магично ќе паѓа снег, утредента пак нема да се сеќаваме кој победил

Само таа табла шах од Африка знае кој води, но до ден денешен ништо не признала!

Мишо пак дојде со нова тема, се грабнавме со саати избегаа сите, никој неќе да дојде со нас во чаршија

Никому вечерва не му се иде кај Гого на ФДУ изгледа пак последна станица ќе е Балет

Чорбе ај па ти више положи за кола или фати си п*чка од град, сите села околу Скопје ги научив бољи од таксист
Ниноооо достаааа нека му ја земе некој гитарата преку такво ми е!

Пеџа пак сите не прибра дома

На коцка пак истите ликови

Хиената пак седи сам во жена парк

Го сакам Скопје и кога не го сакам

Го сакам секој ќош од градот каде што се имам потпишано со мојата јетра, иако тие графити само за мене се од антрополшко значење, апсолутно на никој друг ништо не му значат

Сепак јас го сакам Скопје

Дефинитивно вечер не спијам дома, пак ќе одам кај Тоно, чичко Боби е сигурно пак на Куба а на Едо се врти истиот филм во дневната соба а јас вечерва уште еданаш ќе се обидам да го догледам!

Ај уште по едно пиво на видиковец на средно па ќе си бегаме
Убаво е Скопје и од далеку а најубаво е кога го носиш близу до срцето

… и таман мислиш дека ноќта свршила кај Синко те чека Симе со прекрасно, испотено шише тиквешка ракија

Го сакам Скопје и кога немам сила да го сакам, стави уште една

Наздравје!

Вчера си легнав со моментите, утрово се разбудив со спомени

Времето си лета, се менувам и јас и Панта и Бажо и Синко и Боцо и Јован и Мишо и Љубо и Нино и Пеџа …

Се менува и градот
Само мојата љубов кон Скопје не се менува

Илија Ико Каров

Посетено 1.704 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!