Фрлање ѓубре
Утринско кафе… целата соба замириса.
Си го пијам и си мислам какво ли чудо очекував да се случи поради кафето кое внесува таинствена димензија во просторот? да станам поинаква? – да! Вистинскиот збор е : орна! орна за работа. Иако, орноста не зависи од кафето. Многу пати сум се уверила во тоа. Ја гледам придушената светлина врз расцутениот багрем надвор, до овој миг не знаев дека е тоа (ова ми е прва пролет во изнајмениот стан, во попатната станица ) Книгата што треба да ја обработувам не е лесна. Се работи за природата на душата и смртта. А тоа е тема што е многу важна, колку и да звучи чудно и да го тера човек да бега од неа. Неизбежноста на смртта бара да се има став кон неа. Затоа почнувам да расчистувам во себе: што е ова што не ми дава радосно да се фрлам на работа? (мрзата). Има ли нешто поинтересно што би го правела – не. Така едно по едно ги отфрлам замаеноста, безволноста, недовербата и останувам чиста, лесна пред задачката. Си ветувам дека ова ќе биде ефикасен ден. А сега ви ветувам и вас. Имајте убав, ефикасен ден!
Посетено 672 пати