Честит нека е Денот на македонскиот јазик! Сакајте го, ценете го. Да не треба да го изгубиме, за да почнеме да сфаќаме што сме изгубиле…
Македонскиот е убав јазик, ама ние го грдиме на 101 начин… му додаваме интернационализми, србизми, турцизми, а за сметка на тоа му одземаме толку многу убави архаични зборови.
Го убиваме со секое одново користење на англиски наспроти македонски јазик додека зборуваме со нашите пријатели не поради вежбање и усовршување на англискиот, туку поради тоа што сме уверени дека е позвучен и изгледаме покул.
Го закопуваме секој пат кога го премолчуваме иако можеме. Особено кога во земји каде го разбираат, ние пре би искршиле туѓ јазик отколку да зборуваме на нашиот, македонскиот јазик.
Го занемаруваме кога читаме на англиски, српски, германски, шпански… а, можеме на нашки.
Го игнорираме кога сме полни со стереотипи кон македонските писатели, па ги избираме странските пред нашите.
Ние… ние газиме по него, а очекуваме другите да го ценат. И тоа боли. Затоа што: вау, бај, омг, втф… бесрамно ги заменија: прекрасно, довидување, боже, што по ѓаволите… зарем не’ мрзи да ги искажеме овие зборови или пак станавме робови на технологијата уште пред да сме свесни за тоа?
Имаме убав и милозвучен јазик, понекогаш тврд, а понекогаш романтичен и доста нежен. „Те љубам“ кажете ѝ на саканата или саканиот, наместо „те сакам“. Љубам потекнува од „љубов“, а „сакам“ од посакувам. Ако посакувате некого да имате, подобро е да копнеете. Бидејќи јас посакувам да имам автомобил, а сакам да јадам чоколадо. Копнеам да сум со него затоа што го љубам. Разликата е огромна нели? Љубовта не може да ја преточите кон предмет, туку само кон живо суштество.
Сакајте го, ценете го. Да не треба да го изгубиме, за да почнеме да сфаќаме што сме изгубиле. Барем, не како што е случај со луѓето…
©majkatiitatkoti.com Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира