10 добри работи од ова со „дистанцираната свадба“

Не е се така црно како што изгледа, мора да има бело, па свадба е, се разбира…

Јас и онака не сум некој фан на големи свадби, па мини-свадбата е секогаш добредојдена идеја…

Покрај тоа што доколку се веривте и се уште не сте направиле свадба, можете да се вадите на пандемијата и „ќути, нека помине, па ќе му ја мислиме… А, оние кои веќе се „зезнаа“, имаат одлична причина за парче среќа, еве и зошто:

1. Помалку гости, помалку замарања

Доколку порано им беше чудно на родителите како вие ќе ја скршите традицијата после 100 години и наместо 300 ќе викнете едвај 80-100 души со премолување. Туфкањата зошто Верче од Претор со мажот ѝ што се трети братучеди со татко ти нема да дојдат, сега имаат олеснителна околност јер Филипче е крив, т.е. министерството.

Нема да морате на свадба да ги каните сите кои вас ве поканиле бидејќи нивните родители ги поканиле вашите, а не мора ни кај сите поединечно да идете да носите покани. Можете тоа да го сторите и електронски. Башка сте економични и ЕКО-свесни. Но, и ќе заштедите бајаги време, шала на страна.

2. Не мора да се замарате околу распоредот на гости

Помалку гости, поголема раздалеченост. На една маса по едно семејство-до две во зависност од тоа колку члено семејство се. Те боли патката дали Јовче и Кире се смирија или не. Знаеш дека се на 5 маси оддалечени.

3. Помалку оро, повеќе твист

Сакам ора, но најмногу еден час. Кај повеќето свадби, ората траат со часови, а забавата е кратка. Сите се радуваат на твистот. Сега имате шанса да им дадете прилика на гостите да уживаат повеќе во „Пусти, пусти моду…“ отколку во „Туѓината пуста да остане“ јер е свадба човече. Не „Џубокс“ во недела напладне. За похрабрите Ди-џеј е одлична ствар.

4. Не мора да ја земате невестата и да се гушите 50 луѓе во 50-квадрати стан

Едноставно е. Ем невестата и младоженецот штедат време, ем нема потреба од непотребни трошоци. Но, кој како си милува, сепак обичаи се во прашање, и тука оваа „среќна“ опција е по желба на младите.

5. Спасени сте од вовчиња и пингвин денс!

Секоја свадба минува со барем едно вовче и „Да смо живи и здрави још година сто“, како овие две работи се поврзани не знам… ама сега барем нема да го има…

6. Гостите се спасени од „баци рака“

Иако овој „обичај“ е во изумирање, сепак овој пат дефинитивно нема да го има.

7. Нема тепачки за бидермаер

Која го фатила, го фатила. Сите на два метра без туркања, губење на цвеќето и остало.

8. Нема целувки по три пати и сочни пољупци

Строго по еднаш, препорачливо е тоа да се најблиските. Бабите и тетките ќе пукнат од мака што не можат да ја излигават Ленче. Ама тоа е… закон е закон.

9. Нема туркања ни за торта

По тројца во ред со дистанца од два метри како пред маркет. Убајна.

10. Конечно малата свадба ќе стане хит

Ако некогаш мислевте мала свадба, а вашите се бунеа, сега конечно ќе смените малку повеќе од историјата. Ако правите мала свадба, вие сте херои кои се жртвувате, а ако сакате голема ќе испаднете уште едни противници и кршители на законот.

На сите кои правите свадба оваа година, ви посакувам да сте среќни и весели цел живот… битно е да се омажите/ожените за вистинската личност, се’ останато е само фарса, забава за една вечер исполнета со топли пирошки и урнебес салата. 

Марија Прличкова

©majkatiitatkoti.com  Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Посетено 3.044 пати