А можеш ли да убиеш веќе мртов човек? И тоа не физички, туку духовно!
Утро. Топло, но убаво. А јас, ко јас, решавам на ваков убав сончев ден да зборувам за една толку невкусна тема. Повторно убивање на умрениот. Малку и така, како морбидно да е, нејсе… Ќе се разубави. Исто како и летото од пред само два-три дена…
Повторно ќе ве прашам: Можете ли да убиете веќе мртов човек? И тоа не физички, туку мисловно и духовно. Можете ли?
Не. Не можете, еве јас ќе ви одговорам. Можете само ако повторно го воскреснете и му влеете толкава доверба и одеднаш го срушите на земјата. А јас, јас не сум слушнала за воскресение после едно воскресување. Ете, ниту Господ не дава трета шанса, а камоли ние обичните смртници што се залажуваме со трошка надеж. А, некогаш за среќа, како кај мене, таа трошка станува цел колач…
Дали сум меродавна да зборувам? Сметам дека да. Барем оние кои ме „умреа“ направија да можам. Се чувствувам како да имам напати дури и некоја натприродна моќ, па веќе ниту една навреда не може да допре до мене… Што знам… Можеби затоа што слушнав се’, и тогаш кога не требаше, и тогаш кога не мораше, и тогаш кога не заслужив, а умрев.
Јас воскреснав. Му дадов шанса на живиот мртовец во мене да оживее. И оживеа! Се крена на нозе… После долга рехабилитација.
Знаете, тоа е како оние кои ќе се опорават од кома. Баш така. Во духовното воскресение учиш повторно да сакаш, повторно да веруваш, повторно да даваш шанси, повторно да се смееш со сиот елан што живот ти го пружа, повторно да те пецкаат навредите.
Навреди. Колку глупав збор. Глупав колку и нивното значење. А колку навреди еден човек може во животот да добие?
Ретардирана; глупа; смотана; ороспија; ку*ва; грда; ружна; виршла; шпагета; костур; умрена; неартикулисана; проста, товар, аљкава, небањата, штрокава(!?), неуредна… Веќе и не памтам. Некои сум ги слушнала еднаш, некои два пати, некои постојано. Ги слушав од сооучениците, претпоставените, пријателите, па дури и од најблиските. Е, од последните боли и умираш. И сега ми треперат прстињата кога зборувам за едно несоврешно тинејџерство. Но нека, јас оживеав во цутот на младоста. Ни прерано ни предоцна, туку токму на време.
И во сето тоа. Ми помогна Емил. Емил ме воскресна и само тој би можел да ме убие. Но знам дека нема, верувам во љубовта. Искрено, не сакам ни да размислувам… Рано ми е за умирање…
Нејсе, да се вратам на темава. Најсериозно размислете пред некого да навредите. И не мора директно, може и индиректно, со напад и со осуда… Размислете за да не станете убиец на живо битие со мртва душа. Имаше години кога јас не пролеав ниту една солза, само ако видов некоја друга личност да плаче, тогаш плачев и јас. Денес плачам. И од радост и од тага. Плачам и во друштво, плачам и сама. Имам широка насмевка, безгрижна како онаа во детството, пред да ми ја убијат.
Денес ја фалат мојата насмевка. Ех, и јас си ја фалам. Си ја сакам и си ја ценам. Со мене беше и во добро и во зло. Вешто ги прекриваше солзите и ставаше печат на навредите. А луѓето ги боли кога си среќен.
Денес ми велат: Еј, не мора сите да знаат колку си среќна. Ќе ти ја уништат среќата, па после ќе плачат.
А бе луѓе, јас проплакав толку години во душевна агонија. Борејќи се со внатрешните демони да не полудам од ниска самодоверба која ме доведуваше до степен да помислам дека не ме бива за ништо и подобро е да ме нема… Борејќи се помеѓу реалноста и фантазијата на моите ликови испреплетени во тогашните обиди за книги… Помеѓу мојата добрина и наивност со гневот и бесот кој го истурав од нигде никаде кон моите најблиски… за да после 10 минути отидам и ги прегрнам со знак за извинување.
Ја изградив сопствената среќа и ќе ја бранам со петни жили. Секој заслужува да биде среќен. Заслужив и јас.
И не е ова фарса да се фалам дека „ЕЈ, ЈАС УСПЕАВ“… Да продавам патетики за мали деца… Од секогаш сум ја мразела патетиката… Туку да ве охрабрам. И да умревте, да си најдете некој кој ќе ве оживее… Нема да биде лесно… Имав и јас во овие години на рехабилитација доста падови. Некои ме заболеа до срж, некои ме гребнаа површно. Некои ме охрабрија… И успеаа…
Ќе успеете и вие!