Разговор „А ла газда Зеко“ – Игор Џамбазов

– Извадок од книгата „Умрен човек“

Гробарите веќе ја ставија плочата, а и химната на Занзибар заврши. И тамам помислив дека сега ќе почне аплаузот… ми текна – тестаментот.

„Точка 5. Ако некогаш умрам, не сакам никој да аплаудира на мојот гроб…“

Страшно.

Можев и ова да го премотам.

Погребот полека завршуваше. Остана само една група пријатели. Неколкумина. Само најблиските. Оние што се бројат на прстите од двете раце. Тивки се. Пијат ракија за душа и молчат. И полека се разретчуваат.
Веќе почна да се стемнува. Крај на октомври, ноќта го гризе денот, како мало кученце кога ќе ти се закачи за ногавицата од панталоните.
И само неколку минути пред да се објави фајронтот, на ова необично „афтер парти“ му се приклучија уште двајца кандидати за наваму. Зеко и Пиже. Нив ги фиксирав уште пред Капелата. Двете третини од „Хавана бенд“. Третава третина ојдена. Неврат. Стоеја пред капелата како некои тапкароши. Разговараа, скоро нечујно. Се спуштив над нив за да го слушнам разговорот „А ла газда Зеко…“

„Пријатељу, а беееее… кај да најдеме ракија?“

А па и на Пиже му е веќе преку „таквото“ за Зеко и неговите хирови. Со ист тоналитет како и неговиот, му го плесна во лице, па му одговори:

„Пријатељу, паааа… ууу… продавница…“

А газда Зеко има право дури и тогаш кога нема.

„Не се прај многу-многу… ај, иди купи…“

И што мислиш ти, пријателе мој, каде се загубија овие двајца ветерани?

Ќе погодуваш? Или јас да погодувам?

Јас мислам дека тие не тргнаа по ракија. Тие се затрчаа по ракијата. А продавница во близина тешко дека има, ама затоа, пријателе, имаше „Скара на кило“.

Бапнале таму по неколку за моја душа, ама кај Пиже сепак заиграло чувството на одговорност, па му споменал на колегата по алкохол:
„А бе ај да идеме, срамота… ќе го закопаат без нас. А за тоа дојдовме, ајде…“

И… газда Зеко почнува со предавањето, кое повеќе личеше на говор од некој митинг.
„Не… ние не дојдовме да го глеаме како го ставаат у шошка. Ние дојдовме да го испратиме чоекот. И еве го испраќаме. Достојанствено… иди нарачај уше две…“

А Пиже што да прави, пријателе? Па, ќе оди. Нема да се расправа со него. Што убаво не си пиеше повеќе од десет години, ама покрај овој и умрен ќе пропие.

Додека Пиже не пиеше, Зеко знаеше да ми каже:
„Пријатељу, не е океј чоеков. Не е добар. Мора да почне да пие, ќе се уништи вака…“ Зеко и Пиже. Останаа само они двајца.

Да премотувам?

Премотувам.

Посетено 3.780 пати