Срам да ви е бре! Грев ќе ве фати! Ни човечки ни кучешки живот ви е мил! Пу!!!
Внука ми од сестра денес примаше тетанус. Ја каснало куче скитник. Не ја каснало, ја изгребало со забите по раката. Се нафрлило по бурекот што го носела. Во паниката не можела да ја откачи кесата што ѝ била замотана околу рачето па кучево ја поткачило. Душичка малечка, го бранеше „Не сакаше да ме касне, гладно беше, несакајќи беше.“ Чуваат куче дома, па си наоѓаше причина да го оправда и ова што ја каснало и покрај тоа што беше видно потресена. На цела мака, го бранеше, жал за него ѝ беше.
Со што заслужија нашите деца да ги напаѓаат кучиња скитници по улица? Каде го има ова? Во кој нормален, развиен град сте виделе глутници кучиња да напаѓаат луѓе? Нормални ли сте вие, да ве прашам?! Прашањето го упатувам до сите градски власти, и минати и сегашни! Луѓето кои немале ништо против кучињата почнаа да ги мразат. Сакате и овие што ги сакаат кучињата да почнат да ги мразат исто така? Не се тие криви што прегладнети и измрзнати инстиктивно се борат за живот. Вие сте криви! Секоја година по 200-300 илјади евра фрлате за сијалички за новогодишно украсување на градот за еднократна употреба, ало!!! Уште толку за турбо-фолк пејачи и певаљки! Колку стационари за кучиња ќе отворевте со тие пари? Колку дипломирани ветеринари ќе вработевте во нив до сега, а? Колку дечиња и кучиња ќе спасевте од вакви напади? Срам да ви е бре! Грев ќе ве фати! Ни човечки ни кучешки живот ви е мил! Пу!!!