Капитализамот не сака заебанции – Кирил Стоименов

Деноноќно скроламе по социјалните платформи. Секој ден нашиот показалец, у пакт со скрол-тркалцето од маусот, ни е туристички водич низ авантуристичката виртуелна реалност, низ Фејсбук и низ братучед му, Твитер.

Секој ден оставаме драгоцени минути од нашите животи низ овие глобално-комуникациони мрежи. А таму, хуманистички треш. Социјалните мрежи убрзано, но сигурно се претвараат во антисоцијален Соборен храм на полуписменоста, музеј на проектирани фрустрации, галерија на порно-дадаизам.

Човек на човека му е Block.

Меѓу најжалните моменти у целата оваа сајбер-трагедија е фактот дека луѓето веќе не знаат да се заебаваат. Сите се на ‘врх срца’ (шо би рекле старите Шкотланѓани), хуморот на ‘своја сметка’ станува мит, илјадници репeтирани тастери во улога на невешт предатор го чекаат својот плен во облик на политички некоректен хумор, како би започнала монструозната канонада полна со морализирање, вреѓање и докажување, сето тоа проследено со епизоди на супериорност. Ужасен какофоничен амбиент, создаден од еволуциски гордите врвови. Би ги укинале вицовите, од Трпе и Трпана па со до потешкиот хумор за маргинализираните групи, затоа што сега не е време за заебанции.

Сиромаштија, класична. Луѓето немаат, во поголема мера, и им се лути, љубоморни и напиздени на тие што имаат малку повеќе. Немаат време за заебавање, тука се создаваат сериозни класни разлики, кои доведуваат до сериозни фрустрации, кои постојат за да бидат излечени. Демократски очоваден дуел помеѓу туѓата среќа и својата несреќа. Секој се чувствува повикан да мудросерува на било која тема, сите се во улога на дрвени адвокати и јавни обвинители. Така е, капитализмот не сака заебанции!!!

Глобализацијата ги подразбуди изолираните духови кои си гледале само за себе и за својот двор, да биде средено во рамки на можностите, и ги научи да наоѓаат маани за туѓите дворови, занемарувајќи ги своите. Со бруталните медиуми и евтиниот ентертејмент, со древните техники на ‘леб и игри’, го водат народот во војна, па го помируваат, држејќи му ги ниските страсти како конци од марионета.

Додека навидум сериозната публика, на која веќе не им е до заебанции, води фиктивна сајбер војна, тие профитираат и тоа дебело. Кротко, во позадина.  А профитот е се што му е потребно на дебелиот либерален капитализам.

Тажен свету интернетски, насмеј се.

Се заебавам, шо сакате прајте.

Посетено 484 пати