Не е дека јас без тебе не можам

jabolka pola_majkatiitatkoti

не е дека јас без тебе не можам
ех, како што би рекле старите
дека без секој се може
и дека човек со човек сраснат не е
дека секој сам се раѓа и сам умира
ех
не е дека јас сум од твоето ребро создадена
а дека ти си мојот јаболков грев
или дека без тебе не би се снаоѓала
не е дека сама пазарлукот си го носам
ниту дека можам сијалица по дома да сменам
или сама по кафеани да седам
со луѓе кои не ги знам и кои не ме познаваат
ама пусто душава не ми сака така
и не те љубам оти за љубење некој ми треба
ниту дека без тебе да пишувам не ќе можам
туку дека ми те сакам дека срцево ко твоето ми чука
и радоста ми врие на мислата за тебе
и не е дека јас без тебе не можам
ниту дека ти без мене не ќе дишеш
ама подруго е
проклетите поубаво чукаат заедно
и воздухот е почист и покрај смогот
и чекорот полесен е
та ако некогаш сум се прашувала
како би било по облаци да газам
сега знам дека е тоа дур покрај тебе одам
лесно
воздушесто и чисто
и не е дека сама не знам да јадам
или да заспијам сама не знам
не е до тоа
не е до она “знам” или ”не знам”
не е ниту до “можам” или “не можам”
туку дека не сакам
и дека цело тело во мене вреска по тебе
дека матката ми се згрчува ко ќе те видам
и очиве друг сјај имаат
и усниве набабруваат и зацрвенуваат
ко млада невеста што од возбуда ги загризува
пиле мое
пиле мое мило и љубено
не е дека јас без тебе не можам
терам и знам на денот да му се насмеам
знам и радосна да бидам
ама насмевката поинаква ми е
и радоста поубава ми станува до тебе ко сум
та си велам дека не е до тоа дека си требаме од осама
ниту дека си требаме од страв сами дека ќе остариме
туку е до тоа дека се љубиме
и дека и животот друг мирис има кога сме НИЕ
и смртта поинаква ќе е кога рака в рака ќе ја дочекаме
оти јас не сум реброто твое
туку она што чука под нив
а и ти мојот јаболков грев никогаш не ќе бидеш
туку сласта од него в уста што се топи
љубов моја
пиле мое
не е дека ти и јас еден без друг не можеме
туку дека еден без друг свои не сме
ниту некогаш туѓи ќе станеме
ти и јас
јас и ти
еден без друг како напола исечено јаболко
и ребро на половина скршено
протерани од рајот
а за во пеколот премногу арни
ти и јас
јас и ти
еден без друг како без дом
како без огниште
како секој од нас без себе, без себе

 

Посетено 4.431 пати