Ќе те сетам и намирисам
Ќе знам
ќе те сетам и намирисам
како животно забревтано
ќе те надушкам
уште пред да те видам
ќе знам дека доаѓаш
по себе ќе знам
по кожата наморничена
набрекнатите усни од гризење
по срцето што ќе удира како поблесавено
по скокотот во маткава
и соковите по тебе што ќе истечат
по себе ќе знам
како затишје пред бура
како стушено небо
сето облаци црни
и ветар кој ќе ги корне пред себе
сите сомнежи и стравови
за наеднаш да сопре
како некој СТОП на далечинско да притиснал
и се’ ќе онеми
оглуви
ослепи
и ништо ќе нема
сем мирисот твој
по кој ќе тргнам
со оголени песјаци
и јазикот надвор за да ги оближам
таму некаде
таму надвор од светов ќе те најдам
и до тебе свое легло ќе свијам
покорно и тивко
како првпат да ми се зачнува љубов
од прстите стиснати што ми ги држиш
до коренот на косата со која дом ми плетиш
од вратот на кој жиг ми оставаш
до нозете со кои половината си ја врзуваш
ќе знам дека доаѓаш
и спремна ќе сум
сета бела и побелена во душава
со коси црвени
и очи полни зеленила
спремна ќе сум
и ќе те чекам
како знак
како дожд
како гром
како судбина
ќе те сетам…ќе те сетам.
Посетено 963 пати